Мемов: ПИОМ не бара зголемување на старосната граница за пензија

Линеарното зголемување е за усогласување со животниот стандард, вели директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој смета дека тоа е исправно бидејќи цените подеднакво се покачени за сите. Мемов вели дека исплатата на пензиите ќе биде редовна и уверува дека не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање. Како портпарол на ЗНАМ одговара и дали ќе има смена не некој од двајцата министри што ги има партијата во Владата.

Господине Мемов, линеарното зголемување на пензиите е пред Уставниот суд. Какво е вашето лично мислење за линеарното зголемување? Дали е во ред?

Има две иницијативи од граѓани доставено до Уставниот суд и ќе видиме сега. Одлуката е пред донесување, односно трае јавната расправа околу ова значајно прашање во општеството. Сакам да истакнам дека измената на Законот за пензиско инвалидско осигурување беше донесена минатата година,на барање на пензионерите се донесе оваа одлука усогласувањето на пензиите со швајцарскиот модел – процентуално се замени со линеарно зголемување на пензиите односно линеарно усогласување на пензиите на сите 345.000 пензионери.

Треба да се истакне, и граѓаните треба да знаат дека ова усогласување се прави заради намалување на животните трошоци, односно усогласување на животните трошоци и животниот стандард со покачувањето на ценовните на шокови во општеството и заради зголемување на платите во општиот сектор. Зголемувањето на пензиите значи зголемување на животниот стандард на пензионери.

Контрааргументите за линеарното зголемување се дека, не секој пензионер има ист работен стаж и дека не придонел исто во Фондот.

Аргументите што јас ги давам како директор на оваа институција, и тие се мои лични аргументи и ставови, се дека разликите за тоа кој колку уплаќал во Фондот по основ на придонеси за пензиско-инвалидско осигурување завршуваат со моментот за изготвување на решението за пензија. Тоа значи дека вие како осигуреник во текот на работниот век сте уплаќале одредена сума на средства преку придонесите за пензиско и вие имате повеќе уплатено средства. Јас како осигуреник имам помалку уплаќано средства во својот работен век. На денот на пресметка, разликите во пензијата се што вие имате Х-вредност поголема пензија од мене. И тука завршуваат сите тие разлики околу уплатата на придонесите и кој колку придонел во буџетот на Фондот за ПИОМ.

Од друга страна, ублажувањето односно ценовните шокови, инфлација и така натаму подеднакво влијаат на сите граѓани во државата. Лебот, млекото, јајцата и останатите производи подеднакво се поскапени или услугите и за вас и за мене.

 

 

slobodnaevropa.mk