Битолското јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица и компанијата „Марковски компани“, вклучувајќи го и белорускиот почесен конзул во Северна Македонија, Борче Марковски како првоосомничен, за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола.
Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување, објави обвинителството.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“, се вели во соопштението.
Дополнително, како што наведува обвинителството, обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка. Минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи го „Марковски компани“ да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 1,7 милиони евра.
Борче Марковски како првообвинет, двајца вработени и „Марковски компани“ се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола.
Незавршената обврска, појаснува Обвинителството, ја наплаќале врз основа на лажна документација со што „Марковски компани“ незаконски се стекнала со имот од големи размери.
„Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – измама во службата“, појаснува обвинителството.
slobodnaevropa.mk




