Родителите чекаат изградба на спомен–обележје за нивните загинати синови и ќерки, но меѓу нивните сограѓани има и противници за избраната локација во центарот

Кочани полека се подготвува за одбележување на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“ која однесе 63 млади животи. Во центарот на подготовките е изградба на спомен-обележје кое треба да го потсетува градот, но и целата заедница, на изгубените млади животи во настанот кој ќе биде запишан со црни букви во историјата на државата.

Градоначалникот Владко Грозданов за ДВ изјави дека општинскиот Совет ќе одржи седница на 22 или 23 јануари на која ќе биде донесена одлука за доделување на земјиште за изградба на спомен-обележјето.

„Она што можам да го ветам е дека потребната документација од наша страна ќе биде издадена во експресен рок. Во однос на локацијата има доста реакции, ќе го слушнеме и јавното мислење. Граѓаните кои се против локацијата на спомен-обележјето да биде во центарот на градот, не дојдоа на трибината што ја организиравме по тој повод, за да не се соочат со родителите“, вели Грозданов.

Ќе помогне ли државата за споменикот?
Градоначалникот вели дека временскиот рок е краток за спомен-обележјето да биде готово до 16 март кога се навршува една година од трагичниот настан. Родителите, пак, на настраданите младинци во пожарот во дискотеката „Пулс“ очекуваат да биде исполнето барем нивното барање споменикот да биде поставен на локацијата во центарот на градот која ја сметаат за најсоодветно место каде ќе може секој да оддаде почит на прерано загинатите млади луѓе.

„Министерството за култура ни одобри 2 милиони денари, обезбедени преку Собранието за идејниот проект чиј инвеститор сме ние, родителите, односно здружението на граѓани ‘16 Март 2025-Кочани’. Имаме помош од две локални фирми – Амфенол технолоџи и Антура, а се надеваме дека и државата ќе помогне“, изјави за ДВ Александар Наунов, татко на младата Надица која го загуби животот во пожарот. Според идејното решение, како што рече, спомен-обележјето ќе го има симболичниот назив „Патека на бесконечноста“.

Наунов е уверен дека Советот на општината ќе одговори позитивно за локацијата на спомен-обележјето. „На електронската анкета спроведена од страна на Градот Кочани 82 проценти од учесниците нѐ поддржаа за локацијата да биде на улицата ‘Браќа Ставреви’ во централното градско подрачје“, вели Наунов. Тој посочи дека само 17 од околу 2.000 соседи од станбената зграда и околината близу до локацијата потпишале барање да не се гради таму споменикот.

„Зеленилото на паркот се зачувува, дрвјата даваат сенка, нема огради, просторот е за сите. Ова е место каде што родител може да седне во тишина, граѓанин може да се поклони. Кога ќе го напушти просторот не заминува со тежина, туку со совест, почит и тивка обврска да не нѐ заборави“, им порача Наунов на своите сограѓани од Кочани.

Родителите со апел до сограѓаните
Извори од општина Кочани за ДВ велат дека има бројни реакции против локацијата, но дека сограѓаните одбегнуваат да се конфронтираат со ужалените родители. Дел од нив своите реакции ги упатуваат преку социјалните мрежи бидејќи сметаат дека централната поставеност на спомен-обележјето ќе има психолошко влијание врз целиот град. Во дел од реакциите се вели и дека споменикот ќе ја продлабочи колективната траума и болка по трагичниот настан.

Родителите на загинатите во пожарот преку Фејсбук упатија порака до своите сограѓани кои се противат на изградбата на споменикот на таа локација. „Спомен-обележјето не е насочено кон продлабочување на болката, туку кон нејзино препознавање и општествено признавање“, порачаа тие. Целта, како што велат, е споменикот да има „едукативна, катарзична и обединувачка улога, учејќи ги младите на емпатија, почит и колективна меморија“.

Советникот за урбанистичко и просторно планирање во општината Кирил Алексиев, во неодамнешната трибина одржана по повод изборот на локацијата рече дека катастарската парцела на која се бара да биде спомен-обележјето се простира на 1.523 квадратни метри и е во сопственост на државата. Локацијата е позната и како Стар парк и се наоѓа на триаголникот помеѓу улиците „Браќа Ставреви“ и „Кеј на Револуцијата“ во Кочани.

 

DW