Тимчо Муцунски уверува: студентските, туристичките и бизнис визите остануваат достапни

Северна Македонија ќе бара решение по најновата одлука на САД од 21 јануари да ја суспендира обработката на имигрантски визи за државјани од 75 земји, меѓу кои и Македонија. Одлуката е дел од директивата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за спречување на имигранти кои би можеле да станат „јавен товар“ за државата.

Муцунски: „Не е прекин, туку пауза“
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, нагласува дека станува збор за пауза, а не за забрана или црна листа:

„Коректно е да се каже дека ова не влијае на сите други постапки за визи. Студентите, бизнисмените и туристите ќе можат слободно да аплицираат“, изјави тој.

Муцунски додаде: „Доколку сте стопанственик кој сака да патува во САД – слободно аплицирајте. Ако сте студент или сакате да заминете преку Work and Travel, ова не е пречка. Туристичките визи исто така не се засегнати“.

Македонија во комуникација со САД
Шефот на македонската дипломатија вели дека се во постојана комуникација со Амбасадата на САД во Скопје и со Стејт департментот. „Засегнати се мал број апликации, претежно од повозрасни граѓани. Ќе изнајдеме соодветно решение“, нагласи Муцунски.

Тој потсети на претходните проблеми со царините:„Кога се појавија информациите за тарифите, имаше критики. Но, успеавме да ги намалиме и да бидеме меѓу земјите со најниски тарифи. Истото ќе го направиме и сега“.

Муцунски најави можни позитивни промени: „Во следните шест месеци очекувам да затвориме прашања кои 20 години се обидуваме да ги решиме. Наш приоритет се бизнисот, науката и студентите“.

Кои визи не се засегнати?
Студентски визи – вклучително и Work and Travel програми
Бизнис визи – за стопанственици и деловни патувања
Туристички визи – особено за настани како Светското првенство 2026 и Олимписките игри 2028

 

 

DW