Првите агенти од ИЦЕ го напуштаат Минеаполис

Три дена по смртоносните истрели врз 37-годишен маж во Минеаполис, првите припадници на американската служба за имиграција ИЦЕ и на граничната служба треба да бидат повлечени од големиот град. Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, по телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека повлекувањето треба да започне денеска. Тој не даде подетални информации за тоа кого или колку службеници го засега ова.

Трамп напиша на социјалните мрежи дека имал добар разговор со Фреј. „Постигнат е голем напредок!“, додаде тој.

Според медиумски извештаи, и контроверзниот раководител на граничната служба, Грегори Бовино, треба да го напушти градот. Бовино водеше рации против имигранти во неколку американски градови и веќе важи за лице на строгата миграциска политика. Критиките кон Бовино се засилија зашто јавно ги бранеше смртоносните истрели на граничен службеник врз американскиот државјанин Алекс Прети за време на рација и ја префрли вината за ескалацијата врз убиениот.

Медиумските извештаи за планираното повлекување на Бовино уследија само неколку часа по најавата на Трамп дека го испраќа поранешниот вршител на должност директор на ИЦЕ, Том Хоман, во сојузната држава Минесота. Портпаролката на владата, Керолин Левит, изјави дека Хоман треба да ги надгледува операциите на терен. Тој веќе подолго време е задолжен за надзор над политиките за депортација на Трамп и важи за тврдолинијаш.

Во меѓувреме, на САД им се заканува нова буџетска блокада поради спор меѓу Демократите и Републиканците околу буџетот за Министерството за внатрешна безбедност. Демократите во Сенатот сакаат да го блокираат буџетот на Министерството за внатрешна безбедност во износ од 64,4 милијарди долари поради смртоносните истрели врз Алекс Прети. Привременото финансирање истекува во петок на полноќ.

 

 

DW