Судење за „Онкологија“: Терапии без соодветен протокол, хаотична документација

„Од прегледаната документација се гледа дека промените на лекување не биле соодветно бележени и многу пати без никакво објаснување“, изјави вештото лице Маја Радник од Медицинскиот факултет Марибор, Словенија, која го изработила медицинското вештачење за Обвинителството за предметот „Онкологија“ во кое се обвинети лекари за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување.

Со сослушување на вешти лица од Словенија денеска, 9 февруари во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.

„Онколошките лекови во рамки на индикациите имаат точно определена доза, начин и време на аплицирање што е потврдено преку разни фази на клинички студии. Секоја промена на лекот или дозата, мора да биде јасно забележано и од која причина. Конзилијарното мултидисциплинарно одлучување е златен стандард на добро онколошко лекување“, нагласи вештакот.

Прашана дали во историите што ги разгледале забележале конзилијарно одлучување при определување или промена на терапија, вештакот рече дека при прегледаните 51 медицинска документација, само во една имало запис од мултидисциплинарен конзилиум.

Таа исто така рече дека пациентка со рак на јајници во трет стадиум на Клиниката за онкологија била лекувана со лекот ,,капецетабин“ и со ,,цетуксимаб“, иако за тоа немало индикација. Радник рече дека таквата комбинација на лекови кај оваа пациентка предизвикала многу сериозни компликации.

Радник ја посочи важноста од целосно документирање на лекувањето посочувајќи дека точното забележување на лекувањето како информација, значи и безбедност за пациентот.

„Од разгледната медицинска документација, одделни ретки наоди беа структурирани, но во голем број наоди беше забележано дека пациентот добива лек, а нема забележани какви потешкотии има, значи без анамнеза и без клиничка преглед и какви се протоколите“, изјави вештакот.

 

 

 

slobodnaevropa.mk