Трамп почна „голема борбена операција“ против Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Вашингтон започнал „големи борбени операции“ против Иран, ставајќи го Блискиот Исток на работ на ескалација, додека сирени за воздушна опасност одекнуваа низ регионот по одмаздничките напади од Техеран.

Во видео-обраќање објавено на социјалните мрежи, Трамп на 28 февруари изјави дека неговата цел при наредбата за бомбардирање на Иран — извршено во координација со израелските сили — била „да го заштити американскиот народ со елиминирање на непосредните закани од иранскиот режим“.

„Оваа изјава не ја давам лесно. Иранскиот режим има намера да убива“, рече Трамп во видеото со кое ја најави операцијата, именувана од Пентагон како „Епска фурија“.

„Животите на храбрите американски херои може да бидат загубени и можеме да имаме жртви — тоа често се случува во војна — но ова не го правиме за сегашноста. Го правиме за иднината, и тоа е благородна мисија.“

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) одговори на американските и израелските напади со лансирање во неколку наврати дронови и балистички ракети кон Израел. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека операциите за пресретнување се во тек и подоцна информираа дека нови бранови ракети се насочени кон Израел.

Иран, исто така, истрела ракети кон цели во Абу Даби, Дубаи и Бахреин. Државните медиуми во Обединетите Арапски Емирати објавија дека едно лице загинало во Абу Даби, но без дополнителни детали.

Иранските медиуми јавија за експлозии во неколку градови, вклучувајќи ги Техеран, Табриз, Исфахан, Ком, Лорестан и Чабахар.

Видео и фотографии покажуваат најмалку еден голем облак од чад што се издига над главниот град.

 

 

 

slobodnaevropa.mk