Американски медиуми јавуваат дека најмалку 12 американски војници биле повредени, од кои двајца сериозно, кога Иран го погодил воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија со најмалку една ракета и неколку дронови, додека јеменските бунтовници Хути ги лансирале своите први ракети кон Израел од почетокот на војната, со што се закануваат да го прошируваат конфликтот кој сега е во својата петта недела.
Војниците се наоѓале во објект на базата кога таа била погодена, јавуваат „Њујорк Тајмс“ и „Волстрит Џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори. Неколку авиони за воздушно полнење исто така биле оштетени.
Пентагон и Централната команда на САД не дадоа веднаш коментар.
Иран продолжува со континуирани одмазднички напади врз земји од Персискиот Залив, за кои тврди дека служат како платформа за американски напади, кои започнаа во заедничка операција со Израел на 28 февруари. Од почетокот на конфликтот загинале 13 Американци — седум во Заливот и шест во Ирак — додека над 300 други биле повредени. Американската војска соопшти дека 273 од нив веќе се вратиле на должност.
Нападот врз Саудиска Арабија бил дел од поширок бран ирански напади низ регионот. Властите во Бахреин соопштија дека изгаснале пожар во погоден објект, додека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) наведоа дека нивните одбранбени тимови пресретнувале ирански ракети и дронови рано утрото на 28 март.
slobodnaevropa.mk




