Последните податоци на ССМ покажуваат зголемување од 979 денари за еден месец

Вредноста на синдикалната минимална кошница за април годинава изнесува 68.797 денари, што е зголемување од 979 денари во однос на март, кога таа изнесуваше 67.818 денари, информираше Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните трошоци за живот за април достигнуваат 84.172 денари. Според ССМ, за периодот од јануари до април 2026 година, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за вкупно 3.305 денари, што укажува на континуирано поскапување.

Најголем дел од трошоците се за храна
Најголем дел од месечните трошоци отпаѓаат на храна и пијалаци, за кои се потребни 26.085 денари. Следуваат:

Образование – 7.000 денари
Станарина, вода, електрична енергија и греење – 6.338 денари
Облека и обувки – 6.129 денари
Рекреација и култура – 5.592 денари
Транспорт – 4.961 денар
Ресторани и хотели – 4.131 денар
Комуникации – 3.417 денари
Лична хигиена и одржување на домот – 2.667 денари
Здравје – 1.185 денари
Последните податоци на ССМ покажуваат дека зголемувањето од 979 денари за еден месец, односно 3.305 денари за четири месеци, сериозно го зголемува товарот врз семејните буџети.

Минималната плата не ги покрива основните потреби
ССМ потсетува дека на 28 јануари и 14 март, заедно со илјадници работници, побара зголемување на минималната плата. Сепак, Владата и работодавачите не го прифатија барањето, туку минималната плата беше усогласена за само 1.667 денари, и сега изнесува 26.046 денари.

„Денес, само трошокот за храна и пијалаци од синдикалната кошница изнесува 26.085 денари, што значи дека една минимална плата не е доволна ниту за ’леб и вода’. За покривање на основните трошоци за живот, според пресметките, потребни се најмалку 2,6 минимални плати“, велат од ССМ.

 

 

DW