Два тимски медали за македонските каратисти на Универзијадата во Бразил

Македонската универзитетска карате репрезентација продолжи со одличните настапи на Светската универзијада во Бразилија, а третиот натпреварувачки ден донесе уште два значајни медали во тимските кумите-натпревари.

Машкиот тим прикажа извонредни борби во текот на целиот ден, а најголем впечаток остави во полуфиналето каде што со одлична тактичка и борбена изведба ја совлада силната селекција на Турција и обезбеди пласман во големото финале. Во борбата за златниот медал против Шпанија, македонските каратисти повторно покажаа висок квалитет и огромно срце, но овојпат мораа да се задоволат со сребрениот медал, што претставува еден од најголемите тимски успеси на македонското универзитетско карате.

Успешен настап имаше и тимот во женска конкуренција. Со сигурни и убедливи победи против Австралија и Чиле, тие стигнаа до полуфиналната фаза и борба за медал. По поразот од силната репрезентација на Шпанија, македонските каратистки го освоија бронзениот медал и уште еднаш потврдија дека припаѓаат на самиот светски врв во универзитетското карате.

Со освоеното сребро кај мажите и бронзата кај жените, Македонија продолжува да испишува нови страници во својата карате историја на Светската универзијада во Бразилија. На шампионатот учествуваат 1.500 студенти-спортисти од 50 земји, што го прави еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот.