Техничката влада е комплексна, се претвора во арена за судири меѓу политичките ривали и го закочува нормалното функционирање на државата за половина година… Но, воведена е со консензус и така би требало и да се укине, се ставовите кои преовладуваат кај дел од аналитичарите додека власта настојува овој инструмент за контрола во предизборието да замине во историјата. Најголемата опозициска партија, СДСМ, пак, е децидна дека државата не е подготвена за тоа.
На крајот на минатата недела, пратеничките групи во Собранието го добиле предлогот од Министерството за јавна администрација, деновиве го разгледуваат, па треба да заземат став. Тој предвидува техничката влада да остане уште за следните парламентарни избори, а потоа да се укине.
„Рокот за доставување забелешки е една недела од денот на доставувањето и дел од координаторите веќе ги изнесоа своите ставови, а со некои имавме и поединечни средби“, велат од Министерството за јавна администрација во одговорот до Радио Слободна Европа (РСЕ).
Техничката влада беше воведена во пресрет на парламентарните избори 2016 година. Според закон, се формира 100 дена пред избори кога актуелниот премиер си поднесува оставка, а во Владата влегуваат пет функционери од опозицијата – двајца министри и тројца заменици. Нивните потписи се врзани со функционерите од власта – а одлуките потребна е согласност од двајцата шефови во конкретното министерство.
slobodnaevropa.mk




