Обвинителството во Северна Македонија има оформено предмет во врска со запленетите пет тони марихуана во Србија, за којашто српските медиуми првично информираа дека била набавена од македонска територија.
„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, велат од Обвинителството за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Оттаму посочуваат дека уште во петокот (30 јануари) биле навремено и целосно информирани за акцијата во Србија и „без одлагање презеле активности во рамки на законските надлежности“.
„Веднаш е воспоставена интензивна и континуирана комуникација со надлежните органи на Република Србија, со активна размена на релевантни информации и координација на дејствијата, со цел целосно и сеопфатно откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана“, наведува Обвинителството во одговорот до РСЕ.
Претходно од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија кратко посочија дека се преземаат „соодветни оперативно технички мерки и активности согласно полициските овластувања“.




