Случај „Пулс“: Пиротехника се користела и претходно, имало и контроли, но забавата не била прекинувана

Функционирањето на клубот „Пулс“, неговата внатрешност, издавањето карти при влез, па сѐ до моментот кога избувнал пожарот и кога димот и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес, беа дел од исказите на сведоци во судницата во Идризово на денешното продолжение на судењето за случајот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Прв сведочеше гостин во дискотеката „Пулс”, којшто во пожарот се здобил со телесни повреди.

Тој бил на лекување во Словенија каде на отпусното писмо, како што рече, му стоело дека 100 отсто му биле црни белите дробови и изгорени дишните патишта.

Сведокот, на прашања од Обвинителството, одговараше за изгледот и уредувањето на дискотеката по нејзиното реновирање, како и за моментот на избувнување на пожарот и кога настанал „густ црн чад со мирис на пластика”, но и за моментот на паника и стампедо кон излезот од дискотеката.

Од повредите со кои се стекнал чувствува последици и ден денеска, како намален капацитет на дишење. Тој најави имотно правно побарување и приклучување кон кривичното гонење.

Вториот сведок, кој работел хонорарно во дискотеката како шанкер од нејзиното отворање во 2012 година, рече дека договор немал потпишано и работел како неосигуран, сѐ до 2023 кога бил пријавен на пола работно време.

Овој сведок предизвика многу полемика во судницата со своите одговори.

Најпрво тој беше испрашан од Обвинителството, а потоа одговараше на вкрстени прашања од одбраната, за потоа да биде сослушан и како сведок на дел од обвинетите, па потоа повторно да одговара на вкрстени прашања од Обвинителството. На крајот, неколку прашања му постави и судот.

На прашање од Обвинителството, сведокот рече дека кобната вечер работел како шанкер.

– Деко е газда и тој даваше наредби. На крајот од денот, кога ќе завршеше ни се плаќаше дневница од 1 500 денари, рече сведокот.

Одговарајќи на прашања од Обвинителството, сведокот рече дека во дискотеката имал видено два или три пп – апарати, како и ознаки за хидранти, но такви не видел. Како вработен во дискотеката, рече дека немал обука за заштита при работа.

– Дискотеката има два, односно три влеза, но едниот е преку билетарата. Едниот е на главниот влез, па мало ходниче, другиот е една стандардна врата лево од бината. Вратата е во функција, но не знам дали некој влегувал или не вечерта. Таа вечер не знам, но друг пат сум видел кога имало многу гужва да се отвора за да се проветри, кажа сведокот.

„Луѓето не го сфатија огнот многу сериозно“

Кобната вечер, тој бил на работа, но не видел кој ја активирал пиротехниката.

– Вечерта околу 500 луѓе имаше, по моја проценка. Сите 82 маси, колку што има дискотеката, беа полни, изјави сведокот, посочувајќи дека имало и малолетници.

 

 

 

slobodnaevropa.mk