ССМ поднесе иницијатива за намалување на функционерските плати за 80%

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе иницијатива со која бара намалување на функционерските плати за 80 проценти. Според предложените измени, член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и други избрани и именувани лица би гласел:

„Основица за пресметување на платата на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица е минималната плата во државата, според податоците на Државниот завод за статистика“.

Дополнително, ССМ предлага намалување на сите коефициенти за пресметка на платите и надоместоците за 40%, што, според нив, кумулативно значи намалување од 80%.

Уставни основи и објаснување на иницијативата
Од ССМ истакнуваат дека иницијативата се темели на уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност. Се повикуваат и на меѓународни трудови стандарди, Европската социјална повелба и Универзалната декларација за човекови права.

Синдикатите потсетуваат дека во 2023 година со Владата беше потпишан Општ колективен договор за јавниот сектор, според кој платите требаше да се градат врз основа на просечната плата. Но, според ССМ, Владата не го почитува договорот и бара укинување на некои од правата предвидени за работниците.

Владата со сопствена формула за пресметка на платите
Во пресрет на утрешната средба со УПОЗ, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има нов модел за пресметка на платите во администрацијата, за кој, како што тврди, најголемиот дел од синдикатите дале поддршка.

Формулата, според Мицкоски, предвидува годишно зголемување од околу 8%, што кумулативно би значело околу 40% повисоки примања до 2028 година, наместо платите да растат само со износот на минималната плата.

Премиерот истакна дека во постојните документи има простор за различно толкување, што може да создаде проблеми при пресметките. Затоа Владата предлага уедначен модел кој привремено би суспендирал дел од одредбите во Општиот колективен договор, додека не се изготви нов. Според него, новиот пристап гарантира „потранспарентна и пофер“ динамика на раст на платите.

Мицкоски појасни дека со моделот што го предлага Владата, ако административен работник зема 35.000 денари, а минималната плата се зголеми за 1.500 денари, платата, наместо да стане 36.500 денари, би се зголемила за 8% врз вкупниот износ, што би донело повисоки примања од линеарното покачување. Според Владата, овој метод во три последователни години носи повисок раст од едноставното следење на минималната плата.

ССМ бара минимална плата од 600 евра
Синдикатите, пак, бараат минимална плата од600 евра и линеарно покачување од 100 евра за сите други плати. ССМ смета дека владиниот модел не ги покрива потребите на работниците, особено поради инфлацијата, и предупредува дека ќе организира генерален штрајк доколку нема брз договор во рамките на Економско-социјалниот совет.

ѓЗанаетчиската комора – Скопје е против зголемувањето на минималната плата на 600 евра, бидејќи сметаат дека со тоа ќе се затворат многу дуќани.

 

 

 

DW