Во Албанија се пуштени во употреба 36 сезонски здравствени пунктови, со цел да им пружаат услуги на домашните и странските посетители во крајбрежните и планинските туристички региони. Овие здравствени установи се опремени со потребната апаратура, медицински материјали и медикаменти, а во нив работат 100 доктори и 150 медицински сестри.
Пунктовите ќе бидат активни непрекинато, 24 часа на ден, 7 дена во неделата, до крајот на летната сезона, односно до 30 септември. Во соработка со националната служба за брза помош, обезбедени се и возила за итна медицинска помош за случаи кои ќе побараат специјализирана грижа, како што информираше Министерството за здравство и социјална заштита.
Според истиот извор, минатата година, во период од четири месеци (јуни-септември), овие пунктови обезбедиле 83.500 медицински услуги, од кои 32% биле за странски државјани.
Истовремено, Министерството за внатрешни работи презема мерки за „гарантирање на безбедноста на целата територија за сите кои ќе одлучат да ги посетат плажите, планинските предели и културно-историските локалитети во Албанија“.
„Забележано е зголемено присуство на полициски службеници во туристичките зони, како и воспоставување на специјални 12-часовни патроли, во периодот од 1 јули до 31 август 2026 година. Поставени се привремени полициски станици во близина на местата со висок туристички интерес, како што се Валбона, Тет, Коман, Тале, заливот Лалзит и Ксамил. Засилени се и контролите на сите гранични премини“, изјави министерот Бесфорт Ламалари.
Минатата година, Албанија забележа рекордна посетеност од 12,4 милиони туристи, што претставува зголемување од 700 илјади гости во споредба со претходната година.
vesnik-ilinden.com




