Феноменот Ел Нињо повторно чука на врата. „Условите за Ел Нињо се присутни и се очекува дека до зимата 2026/27 дополнително ќе се засилат на северната хемисфера“, соопштуваат од американската метеоролошка служба НООА.
Потенцијално моќен Ел Нињо кој се развива во Тихиот Океан, би можел во претстојните недели да ги преобликува метеоролошките појави ширум светот. Синоптичарите предупредуваат дека дури може да станува збор и за најсилниот Ел Нињо забележан досега. Има „реален потенцијал за најсилниот Ел Нињо во последните 140 години“, смета Пол Раунди, професор по атмосферски науки на Државниот универзитет Њујорк во Албани.
Светската метеоролошка организација (ВМО) очекува Ел Нињо да се појави наскоро и да продолжи барем до претстојната зима. Во зависност од неговата сила и времетраење, климатскиот феномен би можел да предизвика суши, поплави, топлотни бранови и прекини во снабдувањето со храна и вода во повеќе региони.
„Светот мора да го третира како итното климатско предупредување што реално и е“, вели генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. „Ел Нињо ќе долее масло во усвитувањето на светот“, вели Гутереш.
Што е Ел Нињо?
Ел Нињо е природен климатски модел што се јавува на секои две до седум години и започнува кога ветровите над тропскиот Тихи Океан стануваат послаби, на тој начин овозможувајќи топла вода да се акумулира во Пацификот. Иако областа во која се случува затоплувањето е со големина на континенталните Соединети Американски Држави и тоа се случува само во тој предел, неговите ефекти се чувствуваат низ целиот свет.
„Со промена на тропската атмосфера, се менува атмосферата и подлабоко во средните географски ширини, поради што сме загрижени, иако потенцијално сме илјадници и илјадници милји оддалечени“, вели за ДВ Гавин Шмит, директор на Институтот за вселенски студии Годард на НАСА. Тоа предизвикува глобална верижна реакција, при што Ел Нињо е „првото атмосферско домино што паѓа“, сликовито објаснува тој.
Какви влијанија се очекуваат врз климата?
Таквите реакции драматично варираат од регион до регион. На некои места, тоа значи зголемен ризик од суша, на други места поплави.
Во периодите на Ел Нињо делови од Централна Америка, Азија, Африка и Австралија често се соочуваат со потопло и посуво време. Недостигот на вода потоа може да се одрази на земјоделието, хидроенергетиката и снабдувањето со вода за пиење. Во Хондурас, според проценките на властите, околу 75 општини би можеле да се соочат со сериозни услови на суша. Тегусигалпа, главниот град на земјата, веќе прогласи итна состојба во однос на водата.
Во други делови од светот, пак, ризикот оди во обратната насока и наместо суши, по должината на дел од пацифичкото крајбрежје на Јужна Америка, Ел Нињо може да донесе поројни дождови и деструктивни поплави. Последиците може да се чувствуваат долго по престанокот на дождовите или пресушувањето на резервите на вода.
Ел Нињо се поврзува со неуспех на земјоделските култури и економски загуби во висина од трилиони долари. Ел Нињо во 2015-2016 година преку слабите жетви остави милиони луѓе ширум светот без храна. Шумските пожари предизвикуваат голема загриженост. Научниците предупредуваат дека Ел Нињо веројатно ќе го зголеми ризикот од силни горештини и суша што поттикнуваат пожари во Австралија, Канада, САД и амазонската прашума.
DW




