Нови правила: Крај на исплатите во кеш кај брзите кредити

Крај на практиката „кеш на рака“ кај брзите кредити – државата најавува нов сет законски измени што треба да стават ред во секторот кој со години е под лупа поради злоупотреби. Министерството за финансии подготвува построги правила, со кои ќе се засили контролата врз финансиските друштва и ќе се зголеми заштитата на граѓаните.

Нови правила за финансиските друштва
Предложените законски измени предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, како одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор.

Дополнително, се зајакнува контролата при отворање нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, согласно утврдени критериуми за условите на работење.

Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина. Кредитните средства ќе се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, со цел поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.

за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „Телма“ истакна дека измените се резултат на засилените контроли и утврдените недоследности во работењето на дел од финансиските друштва.

„Имаме законски измени што ги подготвуваме во периодот што следува. По спроведените контроли, утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива, кои оставаат простор за разни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот“, рече министерката.

При досегашните контроли беа утврдени неправилности со брзите кредити, а во одредени случаи беа преземени и мерки, како одземање лиценца. Дел од постапките биле иницирани по пријави од граѓани, кои, како што нагласи министерката, имаат значајна улога во откривањето на злоупотребите.

Со овие законски измени, според Димитриеска-Кочоска, се очекува значително зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работа на финансиските друштва.

 

 

DW