SpaceX на берза: Маск заработува 3,6 милиони на час

Богатството на Илон Маск е тешко и да се замисли, а уште потешко да се опише. Еден билион изнесува илјада милијарди, а една милијарда се 1.000 милиони. „Волстрит џурнал“ направи пресметка и го распредели очекуваното вкупно богатство на Маск, врз основа на излегувањето на берза на неговата вселенска компанија SpaceX, на 31 година од неговата претприемачка кариера. Економскиот весник заклучува дека Маск заработувал по 3,6 милиони долари на час.

Илон Маск има амбиција да стане првиот билионер во светот, но овие бројки се претежно теоретски. Доколку би се обидел да ги продаде своите акции во Спејс Икс (SpaceX) или Тесла (Tesla), берзанските цени би паднале и тој би добил само дел од проценетата вредност. Сепак, семејството Маск не мора да стравува – десетици милијарди долари богатство им се практично сигурни.

Контролата на Маск и зависноста на компанијата
Маск ќе ја задржи целосната контрола врз SpaceX. Компанијата нуди 555.555.555 акции за продажба, со можност да пласира уште 83.333.333 дополнителни акции. Вкупно околу 640 милиони нови акции, кои при планирана цена од 135 долари би донеле околу 86 милијарди долари.

Иако бројката од 640 милиони акции звучи висока, реалноста е поинаква. Според берзанскиот проспект, Маск лично ќе поседува 850 милиони обични акции, како и 5,5 милијарди акции со десеткратно право на глас. По излегувањето на берза, тој ќе контролира повеќе од 80 проценти од гласачките права. Со тоа, Маск останува апсолутен носител на одлуки во компанијата.

Но, токму тука лежи и најголемиот ризик. Маск истовремено е главен извршен директор, претседател на управниот одбор и главен технички директор. Паралелно, тој е вклучен и во Tesla и уште две компании. „Во голема мера зависиме од работата и успехот на г. Маск“, се наведува во берзанскиот проспект.

Како и кај многу претприемачи, богатството на Маск директно зависи од успехот на неговите компании. Но, за разлика од другите, успехот во овој случај значително зависи од неговата личност. Во моментов, SpaceX не остварува профит. Минатата година, бизнисот со ракети оствари приход од четири милијарди долари, но и загуба од 660 милиони долари.

Инвеститорска доверба и ексцентричен имиџ
SpaceX презеде друга компанија на Маск, во која беа обединети платформата X и развојот на вештачка интелигенција. Оваа нова деловна единица оствари приход од 3,2 милијарди долари во изминатата година, но поради високите развојни трошоци претрпе двојно поголема оперативна загуба.

Во моментов, единствено профитабилен сегмент е сателитскиот интернет „Старлинк“, кој донесе оперативна добивка од 4,4 милијарди долари. Сепак, на ниво на групација, SpaceX не работи со добивка.

Претприемачкиот пат на Маск беше исполнет со подеми и падови. Неговите идеи и проекти повеќепати беа доведени во прашање, но секогаш успеваше да најде инвеститори што ќе ги придобие. Компанијата Tesla со години бележеше високи загуби и не ги исполнуваше дадените ветувања, а првите ракети на SpaceX не беа успешни.

Неговиот исклучителен работен ангажман и креативност се легендарни. Пред пет години Маск откри дека има аутизам, односно т.н. Аспергеров синдром, што значи дека има потешкотии во препознавање социјални сигнали. Тоа се покажа и во неговото однесување на социјалните мрежи, каде во минатото објавуваше непромислено информации што влијаеја врз берзанските цени.

Контроверзии предизвика и неговото краткотрајно ангажирање во политиката – како поддржувач на Доналд Трамп и застапник на либертаријански, државно-ограничени политики во периодот на неговата втора администрација. Односите меѓу двајцата подоцна се влошија, пред повторно да дојде до приближување.

Очигледна е и неговата склоност кон ексцентричност, што се гледа и во работењето на SpaceX. Компанијата, формално наречена „Space Exploration Technologies Corp.“, се наоѓа во Тексас, на брегот на Мексиканскиот Залив. За потребите на компанијата е создадена и посебна населба – Старбејс, каде седиштето е на адреса „Рокет роуд 1“. Последните локални избори во оваа населба беа откажани пред четири недели поради недостиг на кандидати.

 

 

DW