Трамп го претстави новиот Ер Форс Уан, подарок од Катар

Поранешниот комерцијален џамбо-џет во сопственост на Катар, претворен во нов претседателски авион, е речиси подготвен за употреба. И покрај обвинувањата за корупција, американскиот претседател Доналд Трамп го претстави авионот подарен од заливскиот емират Катар како идно владино летало. „Претходниот авион беше стар околу 35 години и беше време за промена“, изјави очигледно воодушевениот Трамп од подиумот пред авионот од типот Боинг 747.

Новото летало е „практично двојно поголемо“ од претходниот модел и на пистата делува „уште поголемо“. Трамп продолжи да се восхитува на „најголемиот Ер Форс Уан што некогаш била конструиран“: „Лета подалеку и побрзо од кој било друг Ер Форс Уан“.

Во мај 2025 година, Трамп и покрај силните критики го прифати вредниот авион како подарок од емиратот Катар – поради што се соочи со обвинувања за поткупливост.

Според воздухопловните сили, авионот, кој сега се наоѓа во хангар на воениот аеродром во базата Ендрјус, близу главниот град Вашингтон, најпрво ќе изврши тест-летови. Дури по нив ќе биде официјално вклучен во активната владина флота. Авионот е обоен во црвено, бело и сино и поминал „завршни административни прилагодувања“. Пред говорот, Трамп ја разгледа машината одвнатре.

Планиран лет кон Турција
Според претходни изјави на Трамп, авионот треба да биде ставен во служба како владино летало точно за 250-годишнината од создавањето на Соединетите Американски Држави – на 4 јули, Денот на независноста. Тој најави дека сака да лета со новиот „џамбо-џет“ во Турција. На почетокот на јули се очекува негово присуство на самитот на НАТО во Анкара.

Исто така, рече оти планира да го користи Боингот 747 за лет до „голема конференција“ во Кина, без да наведе повеќе детали.

Контроверзен подарок од Катар
Според претходни извештаи, авионот од типот Боинг 747 има вредност од околу 400 милиони американски долари (околу 348 милиони евра). Овој необичен подарок од странски партнер отвора правни и етички прашања. Демократите зборуваа за „отворена корупција“ и се заканија со протестни акции во американскиот Конгрес.

Трамп, пак, решително го бранеше подарокот од заливската држава. Во текот на неколку дена тврдеше дека би било нелогично, па дури и „глупаво“, да се одбие таква понуда за „бесплатен, многу скап авион“ – бидејќи така се штедат пари на американските даночни обврзници.

И владата на Катар ги отфрли критиките. Станува збор за „сосема едноставна зделка меѓу две влади“, изјави премиерот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани за телевизијата Си-Ен-Ен. Тоа е нормална „трансакција“, додаде тој, истакнувајќи дека не ги разбира многубројните полемики околу ова прашање.

 

 

DW