Под раководство на копретседателите Арбјан Мазнику и Лучиано Бочи, Посебната парламентарна комисија за административно-територијална реформа одржа јавна расправа во Корча, во рамките на процесот на јавни консултации за административно-територијалната реорганизација на Република Албанија.
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски учествувајќи на јавната расправа за албанската административно-територијалната реформа одржана во Корча посочи дека, Општина Пустец мора да остане посебна општина!
На расправата присуствуваа градоначалници и пратеници од округот Корча, претставници на институции, експерти и граѓани, кои ги изнесоа своите ставови и предлози за идната административно-територијална поделба на државата.
Во своето обраќање, копретседателот Арбјан Мазнику истакна дека реформата треба да придонесе за создавање посилни општини и подобра подготовка на Албанија за членство во Европската Унија. Од своја страна, Лучиано Бочи оцени дека јавните сослушувања претставуваат можност граѓаните директно да ги искажат своите проблеми и предлози.
На јавната расправа се обрати и претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој ги претстави ставовите и препораките на партијата во врска со претстојната реформа.
Стерјовски информираше дека единствената македонска партија во Албанија веќе доставила официјално писмо до Посебната парламентарна комисија, во кое се содржани конкретни предлози за заштита на правата на македонската заедница во процесот на административно-територијалната реформа на Албанија.
Тој нагласи дека првото и најважно барање на Македонска алијанса за европска интеграција е Општина Пустец да остане посебна општина, како единствена општина во Албанија во која над 90 проценти од населението припаѓа на македонската национална заедница.
“Укинувањето или менувањето на статусот на Општина Пустец би било спротивно на Уставот на Република Албанија, Законот за заштита на националните малцинства и меѓународните обврски што државата ги има преземено преку Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Со евентуално укинување на општината би се довеле во прашање стекнатите права на Македонците, особено правото на употреба на мајчиниот јазик и образованието на македонски јазик, што би претставувало сериозен ризик од асимилација“, – истакна Стерјовски.
Како втор предлог, претседателот на МАЕИ побара Општина Пустец да биде преименувана во Општина Преспа, оценувајќи дека новото име подобро ја претставува целата област, која ја сочинуваат девет населени места, а не само селото Пустец.
“Името Преспа е историски, географски и културно препознатливо, како во Албанија, така и на меѓународно ниво. Со преименувањето ќе се зајакне препознатливоста и ќе се придонесе за поголема промоција на регионот“, – нагласи Стерјовски.
Македонска алијанса за европска интеграција очекува предлозите изнесени во јавните консултации да бидат сериозно разгледани и вградени во конечниот предлог на административно-територијалната реформа, во согласност со Уставот, законите и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства.
vesnik-ilinden.com




