Иран организира шестдневна комеморативна церемонија за Али Хаменеи

Раководството на Исламската Република Иран подготвува шестдневна комеморативна церемонија за убиениот ајатолах Али Хаменеи, придружена со силна политичка симболика и пораки за моќ кон целиот регион.

Комеморациите за Али Хаменеи треба да прераснат во „најголемиот собир во историјата на главниот град“, изјави актуелниот градоначалник на Техеран, Алиреза Закани, за иранските медиуми.

За погребот на поранешниот врховен лидер на Исламската Република Иран, кој 37 години го имаше последниот збор во сите клучни државни прашања, е предвидена шестдневна церемонија.

86-годишниот ајатолах беше убиен заедно со повеќе членови на неговото семејство во ракетни напади врз неговиот станбен и работен комплекс во центарот на Техеран. На првиот ден од иранската војна, која започна со нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, повеќе ракети биле истрелани кон комплексот.

Сателитските снимки покажуваат значителни уништувања на објектот. Засега не е познато дали телата биле извлечени и во каква состојба се наоѓале.

Церемониите на жалост, кои првично биле планирани за почетокот на март, морале да бидат одложени поради војната. Дури по постигнувањето на кревко примирје меѓу Вашингтон и Техеран, иранските власти ги најавија погребните свечености.

Растечки општествени тензии
Според раководителот на организацијата Али Акбар Пурџамшидијан, церемониите треба да го „зајакнат националното единство“. Сепак, останува неизвесно дали тоа навистина ќе се случи.

„За разлика од ајатолахот Рухолах Хомеини, кој владееше во првите десет години по револуцијата во 1979 година, ајатолахот Хаменеи беше на чело на државата 37 години и ја водеше земјата преку изразено микро менаџирање, вмешувајќи се во речиси сите политички и државни сфери“, вели Мерзад Боруџерди, професор по историја и политички науки на Универзитетот за наука и технологија на Мисури.

За време на владеењето на Хаменеи, состојбата во Иран се влошуваше. Земјата беше изложена на сè поголем притисок како последица на корупцијата, лошото управување и заострените санкции поврзани со спорот околу иранската нуклеарна програма.

Општото незадоволство постојано расте и зафаќа сè поголеми делови од општеството. Во меѓувреме, земјата беше потресена од сериозни немири, меѓу кои Зеленото движење во 2009 година, движењето по смртта на Махса Амини со слоганот „Жена, живот, слобода“ во 2022 година, како и протестите ширум државата во декември и јануари 2025/2026 година. Сите тие беа задушени со голема сила од безбедносните структури.

„Ставот на Али Хаменеи како шеф на државата секогаш беше да не прави никакви отстапки кон своите противници – не само кон критичарите на режимот, туку и кон реформските сили во рамките на самиот систем“, изјави Боруџерди за ДВ.

Според него, сè поголемото отуѓување меѓу општеството и политичкиот систем е директна последица од политиките на Хаменеи.

„Многу луѓе се заситија од постојниот систем”, изјави Боруџерди.

„За многумина кои учествуваа на протестите и ја доживеаја репресијата во декември и јануари, тешко е да прифатат дека Исламската Република на крајот победи. Поддржувачите на Исламската Република добија нов поттик“, изјави активистка за женски права од Техеран за ДВ, која сака да остане анонимна.

Според неа, војната истовремено им покажала на многу луѓе дека не можат да се надеваат на помош од странство и дека на крајот се оставени сами на себе.

Масовните бомбардирања на густо населени градови и уништувањето на важни индустриски капацитети, вклучително и петрохемиски погони и челичарници, уништиле илјадници работни места и дополнително ја зголемиле разочараноста, особено кај младите.

 

 

DW