Притисокот врз политичките партии расте додека се бара компромисно решение за Изборниот законик, еден од клучните услови од реформската агенда на Северна Македонија на патот кон Европската Унија. Евроамбасадорот Михалис Рокас изрази надеж дека до утре ќе се постигне консензус меѓу политичките партии во Собранието.
„Координаторите меѓу партиите имаат средби на дневна основа и се надевам дека измените на Изборниот законик, кои се дел од реформската агенда, ќе можат да бидат усвоени, со цел Северна Македонија да добие дополнителни средства во висина од 4,2 милиони евра, кои можат да бидат искористени во корист на граѓаните“, порача Рокас, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови возила – донација од ЕУ за потребите на Државниот инспекторат за транспорт.
Заострена дебата околу Изборниот законик
Ситуацијата околу измените на Изборниот законик веќе подолго време се заострува, проследена со меѓусебни обвинувања за опструкции меѓу политичките партии. Додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозициската коалиција дека води „политички театар“ со цел да го блокира Изборниот законик, СДСМ и Левица возвраќаат дека нема да дозволат, како што велат, изборен грабеж.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос неодамна, за време на посетата на Скопје, исто така ги повика политичките партии да постигнат договор за законските измени, оценувајќи дека реформите се заедничка одговорност на сите политички чинители.
DW




