По пожарот во бар во Бангкок, во кој загинаа 30 лица, откриени сериозни безбедносни пропусти

По разорниот пожар во бар во Бангкок, тајландските истражители открија првични индиции за причината на трагедијата. При увидот биле констатирани бројни можни безбедносни пропусти во објектот. Според Министерството за внатрешни работи, еден од излезите за евакуација на задниот дел од локалот бил блокиран од тезга за продажба на слатки. Дополнителен излез за итни случаи бил означен со натпис „Не отворај (само за персонал)“, што, според истрагата, предизвикало конфузија кај посетителите кои се обидувале да избегаат.

Според првичните сознанија, пожарот можеби бил предизвикан од краток спој на климатизер. Сепак, точната причина сè уште не е официјално потврдена. Надлежните соопштија дека пламените јазици брзо се прошириле бидејќи во објектот и во внатрешното уредување не биле користени огноотпорни материјали.

Излез без рачка и блокирани евакуациски патишта
Според полицијата, локалот имал два влеза на предната страна и два излеза во задниот дел. Еден од излезите, меѓутоа, бил блокиран со продажен штанд, додека вториот немал рачка на вратата и дополнително бил попречен со полици.

Поради тоа, останал само тесен премин за евакуација, изјавил началник на локалната полиција, цитиран од весникот „Бангкок пост“. Истражителите претпоставуваат дека густиот чад и прекинот на електричната енергија им ја отежнале ориентацијата на присутните.

Полицијата дополнително ги истражува информациите според кои вработени во локалот наводно ги заклучиле излезите за да спречат гости да заминат без да ги подмират сметките. Засега нема официјална потврда за овие тврдења.

 

 

 

DW