Доживотен затвор за Палевски, ново судење за таткото на Вања

Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата со доживотен затвор за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Истовремено, Апелација ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и предметот го врати на ново судење.

Одлуката е донесена на 10 јули, откако во мај беше одржана јавна седница на која беа разгледани списите, жалбите и предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје. Со тоа, Апелација ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во осудителниот дел за четворицата обвинети, кои беа прогласени за виновни за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и осудени на доживотен затвор.

Од Апелациониот суд посочуваат дека, имајќи ги предвид обемниот доказен материјал и сложеноста на предметот, во тек е писмената изработка на одлуката, која дополнително ќе биде објавена на веб-страницата на судот.

Укината ослободителната пресуда за таткото на Вања
Апелациониот суд исто така ја укина ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања Ѓорчевска, кој беше обвинет за помагање во грабнувањето.

Предметот е вратен пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување, што значи дека за Ѓорчевски ќе се води ново судење. Според обвинението, тој се товареше дека давал информации за времето кога неговата ќерка излегувала на училиште, наводи што тој во текот на постапката ги негираше.

 

 

DW