Договорена е нова методологија за раст на пензиите, покрај тоа пензионерите ќе добијат по 1 000 денари за април, мај и јуни

Во наредните три месеци (април, мај и јуни) пензионерите ќе добиваат по 1 000 денари месечно како финансиска помош, а ќе се применува и нова методологија за пресметка на растот на пензиите.

Ова го соопшти премиерот Димитар Ковачевски вечерва по состанокот во Владата со здруженијата и Партијата на пензионерите.

„Заради енергетската криза и зголемениот притисок од економската криза која произлегува од корона-кризата и војната во Украина, се договоривме дека Владата ќе исплати финансиска помош на сите пензионери од по 1 000 денари за три месеци – април, мај и јуни кои ќе помогнат во зголемувањето на буџетот на пензионерите“, рече Ковачевски.

Премиерот ја објасни и новата методологија со која усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно – во март и септември односно тогаш кога Државниот завод за статистика ги дава официјалните податоци. Новата методологија значи примена на т.н. швајцарска формула за пресметување на растот на пензиите.

„Се договоривме да го прифатиме предлогот на пензионерите за воведување на нова методологија за порастот на пензиите врз основа на таканаречена швајцарска формула односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на просечната плата“, рече Ковачевски.

извор: 360stepeni.mk