Во овој момент безбедносната ситуација е стабилна и мирна, без никакви индикации за нарушување, изјави министерот за надворешни работи Оливер Спасовски по средбата со словенечкиот министер за внатрешни работи Алеш Хојс, кој е во официјална посета на Македонија.
„Со добрата координирана активност која што ја имаме заедно со нашите безбедносни служби, АНБ, Агенцијата за разузнавање, МВР и другите агенции за спроведување на законот во овој дел, на дневно ниво разменуваме целосни информации и податоци и ги следиме трендовите, така што немаме никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба и заради тоа граѓаните можат да бидат спокојни“, нагласи Спасовски.
Околу состојбата со украинските бегалци во Македонија, министерот рече досега во земјава се дојдени околу педесетина лица од Украина.
„Досега немаме некоја поголема бројка, околу педесетина луѓе, кои се украински државјани или украински државјани коишто се во брак со македонски државјани. Значи, нивните семејства се тука и сите се дојдени со претходна нивна организација, приватно. Во овој дел сега немаме некаков посебен притисок за доаѓање на мигранти, што не значи дека тоа нема да ни се случи, заради тоа што она што навистина се случува во Украина е многу страшно и ние мора да подадеме пријателска рака на оние луѓе коишто бегаат од една таква агресија и од она што му се случува на украинскиот народ“, наведе Спасовски.
извор/фото: Радио Слободна Европа