Петков без согласност на сите партии нема да склучува договори со Скопје

Бугарскиот премиер порача дека ниту има право ниту ќе прави некакви договори без согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата во Софија.

Бугарскиот премиер Кирил Петков порача дека ниту има право ниту ќе прави некакви договори со Северна Македонија без согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата во Софија. Откако деновиве сѐ посилни беа обвинувањата во бугарските медиуми дека се крчка некаков таен договор и дека Петков е подготвен да попушти за бугарското вето коешто ги блокира македонските евроинтергации, првиот човек на бугарската Влада вели дека нема да се обиде да склучи никакви договори.

„Имаме јасно напишан договор за коалиција, кој строго го почитуваме. Се обидуваме сите наши постапки да бидат во склад со него. Како премиер немам право на никаков начин, ниту ќе се обидам да направам некакви договори, имаме рамковен став, декларација“, изјави Петков за позицијата на Бугарија кон РС Македонија.

Деликатен случај 

Како што пренесува БГНЕС, Петков во обраќањето пред Народното собрание во Софија, истакнал дека секоја одлука мора да биде донесена со усогласен став на коалицијата и опозицијата. Тој е дециден дека ниту една конкретна одлука нема да биде донесена без да помине во парламентот и без целосно убедување на сите кои ќе гласаат за неа.

„Сегашната ситуација во Украина го направи случајот PCM уште поделикатен. Западен Балкан е и регион во ризик, безбедноста на Западен Балкан е од големо значење за бугарската држава. На овие одлуки мора да им пристапиме со голема одговорност“, додава Петков.

Тој истакнал дека Европската комисија соопштила дека е подготвена преку преговарачката рамка да биде гарант за правата на Бугарите во Македонија и за почитување на нивните интереси и права. „Преговарачката рамка и процес ќе придонесат за она добрососедство на кое толку многу се надеваме“, додава Петков.

Обвинувања 

Лидерот на партијата „Има таков народ“, која е дел од владината коалиција, Слави Трифонов, деновиве го обвини Петков дека сака почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на јуни, без никакви законски гаранции за почитување на правата на Бугарите во земјата.

Претседателката на Европската КомисијаУрсула фон дер Лајен, при посетата на Софија во четвртокот (7.04) побара Бугарија да помогне да се реализира одлуката на Европскиот совет за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. На заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер, Кирил Петков, Фон дер Лајен рече дека правата на малцинствата се во основата на европските договори и вредности и дека заштитата на малцинските права е основна вредност и тие се во фокусот на вниманието. „Многу е важно ЕУ да го исполни своето ветување во овие тешки времиња кон своите соседи“, е пораката на високата претставничка на Унијата, која оцени дека времињата се многу бурни и ќе ја одредат иднината на Европа.

Дојче Веле