Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати нa централниот настан по повод 30 години Царинска Управа и Денот на Царината.
На настанот на кој учествуваа и се обратија и министерот за финансии Фатмир Бесими, директорката на Царинската Управа на Република Северна Македонија Славица Кутиров, генералниот секретар на Светската царинска организација Кунио Микурија, и директорот на генералниот Директорат за царини и оданочување на Европската комисија Томас Герасимос, премиерот Ковачевски истакна дека Царинската Управа изминатите две години во периодот на глобална криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 како и во услови на економска криза предизвикана од војната во Украина, покажа способност за брзо прилагодување и проактивно делување во новонастанатите околности со што се потврди како витална институција од посебно значење за стопанството и општеството.
Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„На денешниот 14 април, кој е Денот на Царината, одбележуваме 30 години од постоењето на Царинската Управа на Република Северна Македонија.
Царинската Управа и царинските работници се еден од првите контакти со нашата земја и затоа поставените норми за професионално царинското работење ги препознаваме како важен предуслов за унапредување на меѓународната трговија на нашата земја.
Царинската Управа и цариниците, заедно со останатите гранични агенции имаат исклучително важна улога во олеснувањето на трговијата и на патувањата и истото треба да го обезбедат преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани гранични постапки.
Царинската Управа изминатите две години во периодот на глобална криза предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 обезбеди непречен прекуграничен проток на стоките и со тоа покажа способност за брзо прилагодување и проактивно делување во новонастанатите околности.
Ова се потврдува и во услови на економска криза предизвикана од војната во Украина каде работењето на Царинската Управа е од витално значење за стопанството и општеството.
Царинската Управа веќе ги прифати и насоките за поддршка на регионалната соработка што се високо на агендата на Владата. Со цел понатамошно олеснување на трговијата, преку иницијативата „Отворен Балкан“ се реализираа активности кои придонесоа кон дополнително забрзување на протокот на стоки и патници.
Веќе успешно функционираат заедничките контроли со Србија на граничниот премин Табановце, а потпишан е и Договор за спроведување на концептот на One Stop Shop со Албанија. Потпишан е Договор и протокол за имплементација за заедничко гранично регулирање на железничкиот сообраќај и со Косово на граничниот премин Блаце.
Република Северна Македонија и регионот бележат голем раст на бројот на патници и обем на стока во услови кога технологијата го менува економското окружување каде делува Царинската Управа.
Во концептот за модернизирано царинско работење (Smart Borders) е потенцирана улогата на Царината како еден од главните поддржувачи на Агендата 2030 на Обединетите Нации за одржлив развој. Преку создавање на фер услови за сите учесници во царинската постапка преку поедноставени, стандардизирани и хармонизирани постапки треба да се обезбеди навремена испорака на сите суровини за индустријата и да се отворат можности за пристап до нови пазари.
Решенијата се веќе утврдени во Стратегијата за развој и Акциониот план на Царинската Управа за периодот 2022 – 2024, каде што се дефинирани бројни проекти и активности за понатамошна модернизација и унапредување на Царината.
Во делот на Програмата особено е значаен делот за е-Царина во кој се дефинирани проекти за развој и имплементација на нови информатичко-компјутерски системи за поврзување со системите на Европската Унија, како Блупринтот за новиот Национален едношалтерски систем.
Дигитализацијата како процес во Царинската Управа е дел од дигиталната трансформација на општеството со која ја унапредуваме ефикасноста, но и ја зголемуваме довербата на граѓаните и на бизнис секторот во институциите. Таа е главна алатка на добро и транспарентното работење.
Во таа насока, сакам да напоменам дека Владата ќе продолжи со поддршка и промовирање на сите соодветни инструменти, иницијативи и алатки за поддршка на Царинската Управа, кои преку дигитализација, автоматизација, безхартиено работење и градење на капацитети ќе обезбедат унапредување на ефикасноста и транспарентното и отчетно работење. Враќањето на довербата на граѓаните во институциите е приоритет за оваа Влада и преку овие напори за дигитализација и зголемена ефикасност, убеден сум дека ќе ги постигнеме нашите заеднички цели.
Нека е честит царинскиот празник!“