Тренчевска: Штрајкувачите платата да ја бараат од СОНК – не дека не сака, државата нема основ како да ја исплати плата

Штрајкот во образованието и згрижувачката дејност, односно во основните и средните училишта и во градинките, влезе во втората недела откако синдикалците членови на СОНК, како што соопштија, го одбија усниот предлог од Владата за линеарно зголемување на платите од 2.500 денари од јуни, за што ќе се разговара во Собраниетo.

-Од вкупно 75 установи во 29 нема штрајк и вработените се на работните места. Во останатите дел од вработените штрајкуваат но има згрижување на децата. За жал, децата од училишна возраст не се во училиштата, вели Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика во гостувањето на Утрински брифинг.

Тренчевска вели дека правото за штрајк е регулирано со Закон за работни односи и колективните договори за детска заштита и образование и работодавачот ги исплаќа придонесите, но дека нето платата на секој вработен треба да ја исплати СОНК.

Не дека не сака, државата нема основ како да ја исплати плата. Член 240 го дава правото на штрајк, а член 241 се однесува на тоа дека синдикатот треба да исплати плата. Ова е штрајк за барање унапредување на работничките права. Со одлуката за штрајк СОНК се повикува на усогласувањето со минималната плата, а законот за минимална плата има рок од шест месеци за усогласување, вели Тренчевска.

Тренчевска додава дека оваа понуда што ја даде владата е најдобрата што можеше да ја понуди, а потоа се планира нова методологија за усогласување на платите што ќе биде системско решавање на проблемот и секоја година ќе се усогласуваат платите со трошоците на живот според податоците на Дравниот завод за статистика.

извор:  Слободен печат