Мизрахи до Ковачевски: Не знаете и не можете да водите држава, кога поднесувате оставка да одиме на предвремени парламентарни избори?

0
233

На денешната седница во Собранието на Република Македонија пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи постави три пратенички прашања до премиерот Димитар Ковачевски меѓу кои и кога ќе поднесе оставка за да се оди на предвремени парламентарни избори бидејќи е очигледно дека власта не знае и не може да води држава.

Првото пратеничко прашање на Рашела Мизрахи до премиерот Димитар Ковачевски беше во врска со бруталните навреди од страна на Бугарија и до кога ќе трпиме навреди без притоа да има било каков одговор и реакција од страна на власта.

„Потпишавте договор за добрососедство а добивте брутално плукање во лице и на народот и државата дополнето со вето а сега веќе и доза фашизам. Не знам дали господине Ковачевски сте виделе што е она што оди по медиумите кај нашиот сосед, неколку наслови низ медиумите „Џамбаски: Македонизмот е политичка теза и тој е измислен“,  „Каракачанов: Ќе испратам полк за да ги урнам спомениците во Скопје“, „Каракачанов: Македонскиот јазик е балканско есперанто“ итн. и додека трпиме вакви навреди од наша страна нема никаков одговор и сега каде гледаме соодветно и пропорционално реагирање на изјавите од нашиот сосед, дали имате било каква реакција, дали планирате да имате било каква реакција и дали вашиот молк значи дека ги прифаќате овие наводи на политичарите од соседството, би било катастрофално да одговорите со да“, истакна Мизрахи.

Второ пратеничко прашање на Мизрахи до Ковачевски е во врска со културниот центар Ванчо Михајлов во Битола, и што како претседател на владата  ќе направи со културниот центар во Битола.

„Чиста, брутална, јасна и јавна провокација а вие и натаму си молчите, зарем немате срам, кого мислите дека правите будала, народот знае се, ја претворивте државата во територија а сега се обидувате да ја претворите во нечија земја, Ковачевски дали ви е јасно дека во ваше време се отвора културен центар со име на фашист во антифашистичка Македонија и сега вие како претседател на владата што ќе направите со културниот центар, барам концизно да одговорите пред да се отвори здравствен дом со името Александар Турчиев“ нагласи Мизрахи.

Третото прашање на Рашела Мизрахи до Ковачевски е кога поднесува оставка за да се оди на предвремени избори бидејќи очигледно дека не можат и не знаат да водат држава, посочувајќи го и писмото од група пратеници каде што се бара од Ковачевски до собранието да ги достави сите нацрт документи кои во моментот се предмет на преговори со Бугарија и да прифати лично учество на седницата на комисија за надворешни работи и политика  дебата во контекст на договорот за добрососедство.

„На ова вие одговоривте, официјален документ на темата за која барате да дискутираме во владата не постои. Но не сте информиран Ковачевски, Османи на Дојче Веле дава изјава каде што вели има документ за договор се чека согласност од Софија, но согласноста се прави овде во Собранието, господине Ковачевски не може да водите вака држава, очигледно е дека не знаете да ја водите државата, ниту пак сте премиер на министрите од ДУИ, па правите концепт на биполарна влада и затоа пред да дозволите отворање на здравствен дом „Менгеле“  кога поднесувате оставка за да одиме на предвремени парламентарни избори, тоа е моето трето прашање“, заклучи Мизрахи.