Пелети, дрва или струја – што ќе ги „изгори“ граѓаните повеќе оваа зима?

За што и да се одлучат граѓаните, цените се многу високи годинава. И не е само тоа проблем – има голема побарувачка за пелети и дрва, а количините се ограничени годинава.

Енергетската криза сериозно ќе удри по џебот на граѓаните во пресрет на зимата. По најавите за поскапување на струјата и недостигот на дрва и пелети за загревање на домовите, граѓаните летово поитаа да го решат проблемот пред да дојдат студените денови. Во стовариштата ширум земјава ги пречекаа „солени“ цени, двојно поголеми од лани, што многумина ги доведе во недоумица – како да се помине поевтино зимата?

Дилеми

Дали да се ставаат инвертер клими, или да се вратат на старите ќумбиња на дрва – ова е една од многуте дилеми со кои се соочуваат граѓаните во екот на светската криза. Последното поскапување на струјата за 7,4% и стравувањата дека цената може повторно да рипне ги замислија и оние граѓани кои последниве години се одлучија домовите да ги загреваат со инвертер клими како најевтино, најефикасно и најчисто решение. Некои од нив ги вратија старите шпорети и камини во игра. Но, и цената на дрвата не мирува – како расте побарувачката така скокаат и цените, па во некои складишта во внатрешноста на земјата кубик може да се најде за 3.500 денари, додека во стовариштата во Скопје цените се скокнати од 4.800 за даб и 4.700 за бука, па се до 5.500 денари за кубик.

Кое магично решение да се изнајде да се загрева домот, а притоа да не се исцедат и онака празните џебови на граѓаните? „За што и да се одлучат граѓаните, цените се многу високи оваа година. И не е само тоа проблем – има голема побарувачка на пелет, а количините коишто го набавуваме годинава не се доволни за да се задоволат потребите на пазарот“, вели за ДВ Јовче Милески од „Агро-дрво експорт“ од Кичево.

Редици за пелет

Печките на пелети како еколошки енергенс за затоплување станаа особено популарни последниве години, па поради субвенции коишто се делат за нивна набавка, многу семејства се одлучија да преминат на ваков систем за греење. Но, пелет во стовариштата годинава се помалку има, а тој шлепер што ќе пристигне се разграбува буквално веднаш. Цените се отидени до „плафон“ – ако лани беа 196 денари за една вреќа, сега граѓаните треба да платат од 350 до 370 денари. Во еден тон има 70 вреќи со пелет и чини 24.500 денари. За затоплување на куќа од над 100 квадрати потребни се барем два тони пелет – а за овој „луксуз“ граѓаните ќе треба да издвојат 800 евра. Цената варира во однос на тоа колкав простор се загрева и колку часови во денот е вклучена печката.

„Пелетот го носиме од Србија, но во многу помали и ограничени количини во однос на минатите години. Шлеперот воопшто и не стигнувам да го донесам во стовариште. Штом ќе дојде веднаш се растовара по Тетово и по другите градови каде што има потреба“, вели Милески. Тој носи и брикети за загревање – последната пратка била по цена од 200 денари. но најавите се дека новите количини што ќе пристигнат веќе ќе се продаваат по цена од 240 денари.

Но, како реагираат граѓаните кога ќе ги слушнат енормно високите цени на дрвата и пелетот годинава? „Некој офка, некој се откажува, другите ќе заминат најпрво, па потоа ќе се вратат и ќе купат, оти немаат излез – оваа зима ќе биде тешка за сите“, вели Милески.

Забрана за извоз

Дел од стовариштата воопшто и немаат пелет, недостигот се создаде откако Босна и Херцеговина и Србија, за да го заштитат домашниот пазар, го забранија извозот на 90 дена за производи од дрво. Ваквата мерка е последица на огромниот прилив на купувачи од странство и експлозијата на цените – пелетите поскапеа за 155 проценти, а огревното дрво за 40 отсто.

Тоа влијаеше на сите балкански земји, а меѓу нив и на Северна Македонија. Сопствениците на стоваришта за ДВ велат дека ако пред две години носеле по 200 шлепери со пелети и брикети, годинава успеале да обезбедат само 50-тина. „Побарувачката е многу поголема, но ние се соочуваме со проблем како да набавиме поголеми количини“, велат од стовариштата во внатрешноста на земјата.

 

Дојче Веле