Соединетите Американски Држави (САД) не даваат гаранции за патот кон ЕУ затоа што не се членка на Европската Унија, изјави денеска американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, но рече дека е воодушевена што премиерот Христијан Мицкоски е во нова посета на Вашингтон.
Американската амбасадорка ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои гаранции може да ги даде Вашингтон во однос на евроинтеграцискиот пат на земјава, имајќи предвид дека нив изминатиов период ги бараат властите во Скопје, со аргументација дека тоа би му дало извесност на процесот на пристапување на земјава кон Унијата.
„Мислам дека тоа е дискусија која се води и се водела со високи функционери на Европската Унија, но ќе кажам дека сум воодушевена што премиерот и членови на неговиот кабинет се во Вашингтон. Станува збор за важни односи и мислам дека тоа што досега престојуваше таму неколкупати откако ја презеде премиерската функција, како и други министри, само зборува за блискоста на овие односи и за многуте начини на кои ние како САД и Македонија можеме билатерално да соработуваме. Затоа со нетрпение очекувам нивно зацврстување“,изјави американската амбасадорка.
Премиерот Мицкоски од денеска, па до 22 јануари ќе престојува во главниот град на САД, каде што ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција, а според владин извор тој треба да има и обраќање во рамките на настанот.