Mакедонија е една од десетте најсиромашни земји во Европа

Mакедонија е една од десетте најсиромашни земји во Европа, објавува Канал 5 во својот прилог.

Од балканските земји, посиромашни од нас се само Косово и Албанија. Најсиромашната европска земја е Украина, во листата се и Грузија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Србија и Црна Гора. Заедничко за сите е што ниту една земја не е членка на Европската унија.

На веб-агрегатот „World Population Review“, кој обработува податоци од релевантни извори како Светска банка и Обединетите нации, земјава се најде на шестата позиција на неславната листа.

Според податоците за 2020 година, бруто-домашниот производ по глава на жител во Македонија изнесувал 5 888 долари, а бруто-националнио приход по човек нешто помалку – 5 720 долари.

Во краткиот осврт е наведено дека по независноста во 1991 Македонија претрпела драматични промени и постепено ја подобрувала економијата. Во текстот стои и дека околу 90% од БДП отпаѓа на трговијата а најмногу се забележува за генерално високата стапка на невработеност.

ПРИХОДИ ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ БДП ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ

Косово 4 440$ 4 287$

Aлбанија 5 210$ 5 215$

Mакедонија 5 720$ 5 888$

БиХ 6 090$ 6 031$

Србија 7 400$ 7 666$

Црна Гора 7 900$ 7 686$

Бугарија 9 540$ 9 975$

Романија 12 570$ 12 896$

Хрватска 14 190$ 13 828$

Грција 19 690$ 17 676$

Словенија 25 910$ 25 179$

Бугарија и Романија се најсиромашните земји во Унијата – но сепак се подобри од сите во поранешна Југославија и источниот блок, кои не се дел од неа. БДП по жител кај источниот сосед пред 2 години бил речиси 10 000 долари, а кај Романија околу 12 900 долари. Во Хрватска, пак, изнесувал 13 828 долари. Од членството во ЕУ најголем бенефит добила Словенија која сега има четири пати поголем БДП по глава на жител од Македонија, иако и двете беа дел од иста држава до 1991 година – безмалку 25 200 долари.

Во листата на најбогати доминираат генерално земјите од Скандинавија и Западна Европа. Лихтенштајн и Монако имаат дури 180 000 односно 190 000 долари БДП по жител. Трета земја е Луксембург со 115 000 долари. Германија, која е меѓу најчестите дестинации за студирање и работа на Македонците, пред две години остварила БДП по глава на жител од 45 723 долари.

извор: Канал 5