Пред Домот на Народното собрание во центарот на Белград, доцна синоќа (28 декември) беа отстранети шаторите каде што повеќе од осум месеци престојуваа поддржувачите на властите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во обраќање пред приврзаници на властите собрани синоќа пред парламентот, најави дека во следните неколку дена, таму ќе биде отворено божиќно село за сите граѓани, по што сообраќајот во тој дел од градот ќе биде нормализиран.
Вучиќ, исто така, најави дека во следниот месец ќе бидат отстранети шаторите од паркот Пионирски, што се наоѓа спроти српскиот Парламент, поставени во март оваа година.
Претходно, дел од шаторите беа отстранети од Пионирски.
Вучиќ, синоќа објави дека следната година ќе се одржат избори, на кои, како што рече, актуелните власти ќе постигнат убедлива победа и со тоа „дефинитивно ќе се потврди довербата на граѓаните“.
„Го прифативме нивното главно барање, ќе одиме на избори следната година. Нема да бидат толку среќни кога ќе ги пребројуваат гласовите. Ќе ги победиме на секое место во Србија“, рече Вучиќ, обраќајќи се пред насобраните пред Народното собрание.
slobodnaevropa.mk




