Додека германската влада подготвува нов закон за доброволна воена служба, бројот на луѓе кои прашуваат за правото на приговор на совеста се зголемува. Советодавните центри во Германија бележат зголемување на интересот, особено кога во медиумите сè повеќе се известува за воена служба и регрутација.
„Добиваме сè повеќе и повеќе прашања, особено кога во јавноста се зборува за воената служба“, вели Михаел Шулце фон Гласер од Друштвото за мир – Обединети противници на војната (ДФГВК). Бројот на посети на веб-страницата на неговата организација нагло скокна во втората недела од септември – регистрирани се речиси 55.000 посети, во споредба со околу 24.000 во мај.
Во средината на септември, имено, германската влада во процедура стави нов закон, кој предвидува дека воената служба ќе остане доброволна, но и дека армијата треба да се направи попривлечна за младите луѓе. Враќањето на задолжителен воен рок засега не е на дневен ред.
Зголемување на барањата во последните години
Барањата за приговор на совеста се зголемуваат со години. Протестантската работна група за приговор на совеста и мир (ЕАК) забележа дека бројот на барања за советување минатата година се зголемил за 30 проценти.
Формалните пријави се поднесуваат до центрите за кариера на Бундесверот, а потоа се обработуваат од страна на Сојузната канцеларија за семејство и граѓанско општество. До крајот на јуни оваа година, примени се 1.363 барања, во споредба со 2.241 во текот на целата минатата година. Во 2023 година, регистрирани се 1.079, во споредба со 951 во 2022 година.
Нова стратегија за советување
Најновата владина иницијатива ги поттикна организациите што се занимаваат со приговор на совеста да ја променат својата стратегија. „Од септември им советуваме на сите млади луѓе, особено на оние родени по 1 јануари 2010 година, да аплицираат за приговор на совеста, бидејќи сигурно ќе бидат опфатени со новиот Закон за воена служба“, вели Шулце фон Гласер.
Претходно, на оние кои немале контакт со војската им било советувано едноставно да не се пријавуваат, за да не го привлечат вниманието на Бундесверот. Меѓутоа, новите прописи бараат од младите мажи родени во 2008 година и подоцна да пополнат задолжителен прашалник, а од летото 2027 година е планирана и регрутација на нови доброволци – и мажи и жени.
DW




