Во Франција владее најсериозната политичка криза во последните децении. И нема брз излез на повидок. По помалку од четири недели на функцијата, премиерот Себастијан Лекорну си поднесе оставка. Неговиот неуспех беше условен од поделбата меѓу левиот и десниот блок во националното собрание, уште пред воопшто да има шанса да формира влада. Со заминувањето на Лекорну, претседателот Емануел Макрон губи трет премиер за само една година, иако Лекорну сега ќе стартува уште еден обид за формирање влада. Во таква ситуација не може да биде одобрен буџетот за следната година. Итно потребните заштеди повторно се одложуваат. Задолжувањето и буџетскиот дефицит на Франција се речиси двојно поголеми од тоа што критериумите за стабилност на ЕУ дозволуваат. Финансиските пазари реагираат нервозно и бараат зголемување на премиите за ризик за државните обврзници издадени од втората најголема економија во ЕУ по Германија.
Макрон под притисок
Сојузната влада во Берлин сепак е смирена. „Би предупредил да не се драматизира премногу во овој момент“, вели за ДВ Гинтер Крихбаум, државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи.
„Германско-француското пријателство останува сигурна константа во Европа. Тесни консултации меѓу политичарите и властите на нашите две земји се одвиваат на сите нивоа на владина соработка; сегашната ситуација не менува ништо во тој поглед”, објаснува тој. Без разлика на турбуленциите во Париз, Фридрих Мерц и натаму ќе соработува со Емануел Макрон. Надворешната политика во Франција е комплетно во рацете на претседателот. А, позицијата на Макрон не е доведена во прашање во оваа владина криза, или барем не примарно. Мандатот на Макрон официјално завршува во 2027 година, а тој има намера да остане до крај. Сепак, неговата позиција сега е сериозно разнишана. Негова оставка бара не само левата и десната опозиција, туку сега и Едуар Филип, еден од неговите поранешни премиери. И анкета од крајот на септември покажува дека 78 проценти од Французите го сметаат Макрон за лош претседател.
Што ќе стане од заедничкиот борбен авион?
Со кризата на домашен терен, се намалува и влијанието на Макрон на меѓународната сцена. Макрон постојано бараше суверена Европа која може самоуверено да настапи и наспроти Русија под Путин и САД под Трамп.
„Сега Макрон се разбира веќе не е толку моќен како во 2017 година, кога ја презеде функцијата“, вели за ДВ Штефан Зајдендорф, заменик-директор на Француско-германскиот институт во Лудвигсбург. „Франција сепак останува исклучително важен играч на европско ниво“, дури иако другите европски премиери можеби ќе го потсетат „дека нема парламентарно мнозинство, ниту влада и дека буџетот на Франција и натаму е надвор од контрола“, вели Зајдендорф.
DW




