Повици за единство, за борба против корупцијата и економски напредок испрати македонската претседателка Гордана Силјановска- Давкова од Мечкин камен. Таа упати критика до ЕУ за билатеризацијата на процесот на проширувањето и менувањето на правилата на игра.
Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени, порача македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова од крушевскиот Мечкин камен каде што се чествува 122 години од денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и 81 година од првото заседание на АСНОМ.
Таа во својот говор порача – македонските граѓани очекуваат правда и слобода и дека е дојдено време за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјава.
„Длабинскиот поглед кон државата разоткрива во изминативе години и децении ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија како закана за парламентарната демократија, партизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина и ги нарушија меѓучовеките и меѓу етничките односи, продуцираа катастрофи и стимулираа неединство за прашањата од национален интерес за кои единството мора да биде императив“, изјави Давкова.
Slobodnaevropa.mk




