Дали наставниците ќе добијат повисоки плати или повторно ќе штрајкуваат – конечен договор помеѓу СОНК и МОН се очекува на почетокот на идната недела

Повторното активирање на штрајкот во образованието ќе зависи од резултатите од договорот со посредници кој се очекува да биде склучен на почетокот на следната недела. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков по денешната рунда преговори изјави дека е постигнато усогласување за некои ставови, но како што рече, сега не може да се тврди дали ќе се постигне договор или дали штрајкот повторно ќе се активира. Она за што генерално е договорено е колективниот договор, но и тоа треба да се прецизира.

Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека независно од крајниот исход, образовниот процес не смее повторно да се прекинува. Тој додаде дека навременото завршување на учебната година за основното образование ќе зависи од извештаите за работа доставени од директорите на училиштата и мислењето на Бирото за развој на образованието.

Од СОНК вчера одржаа средба и со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која соопшти дека вработените во градинките кои штрајкуваа, нема да земат целосни плати за април. Таа додаде дека се бара законско решение за неисплатените пари да им бидат дадени во наредните месеци.