Качински ги прогласи ЕУ и Германија за непријатели

Две години пред парламентарните избори во Полска, двата главни ривали, либерално-конзервативната владејачка партија Граѓанска платформа (ПО) на премиерот Доналд Туск и најголемата опозициска партија, десничарската конзервативна партија Право и правда (ПиС) под водство на Јарослав Качински, ги започнаа првите подготовки за изборната кампања.

На конференција во Катовице, Качински ја прогласи Европската Унија, како и Германија и Франција, за најголеми закани за суверенитетот на Полска. „Германците сакаат да ни ја одземат државата“, рече Качински во петокот (24.10) на отворањето на дводневниот состанок. Тој ги обвини Французите дека „се согласуваат со тоа“. Европската бирократија е дури и „желна“ за тоа, се пожали 76-годишниот лидер на партијата.

Според Качински, Полјаците мора да изберат помеѓу две идни опции. Едната, туркана од Брисел и Берлин, би довела до појава на „хегемонистичка држава“, тврди тој. „Сè што започна по Втората светска војна, треба да заврши со голема победа за Германија во форма на нова империја.“ Овие планови, според него, имале за цел да обезбедат „сите држави на ЕУ, освен Германија и Франција, или да престанат да постојат или да го изгубат својот суверенитет.“

Пакс Американа со Трамп како спасител
Контрапроектот, според Качински, потекнува од американскиот претседател Доналд Трамп и се нарекува „вооружена демократија“. Секоја земја мора да потроши најмалку пет проценти од својот брутодомашен производ за одбрана. Овој концепт е нова варијанта на Пакс Американа. „Тие (Американците, н.з.) понекогаш се тешки, но не сакаат да ни ја одземат државата“, објасни Качински. Тој самиот, како што тврди, не сака да ја ликвидира ЕУ, туку да ја реформира за да овозможи враќање на суверенитетот на државите.

Туск ги критикуваше забелешките на Качински како „дедовска глупост“. „Секако дека нема да дозволам никој да ја кара Полска со Европа. Нашето место е во Европа“, рече Туск во неделата (26.10) во Варшава.

На тој ден, неговата Граѓанска платформа се спои со малите партии Новочесна (Модерна) и Иницијатива Полска. Двете групации претходно формираа коалиција со ПО, но досега ја задржаа својата независност. Новата партија се нарекува Граѓанска коалиција КО.

 

 

DW