Шетајќи низ новото корпоративно седиште, Бернд Вагнер ентузијастички наведува дека е користена „седум пати поголема количина челик од онаа за изградбата на Ајфеловата кула“ или „кабли што се протегаат од тука до Неапол“. Вагнер е одговорен за клауд бизнисот и продажбата во Шварц Дигитс чие седиште официјално ќе биде отворено на 21 јули 2026 година. Дизајнирана за 3.500 вработени со детска градинка, ресторан и фитнес зона, комплексот потсетува на седиштето на Амазон, Епл или Гугл. Сместено е на рид, има пет повеќекатни, елегантно закривени, стаклени згради во форма на саќе. Во центарот на т.н. „Шварц Дигитс Кампус“ се наоѓа мало езерце, опкружено со зеленило и клупи во сенка. „Ова е стејтмент. Нема зошто да се криеме од Гугл или било кој друг“, вели Вагнер.
Од супермаркети до дигитализација
Новото седиште не е во Калифорнија, туку во Бад Фридрихсхал, мало гратче во јужна Германија.Во близина се наоѓа Хајлброн, родниот град на веројатно најбогатиот човек во Германија, Дитер Шварц, кој сега има 86 години. Токму од таму тој ја изградил својата империја Лидл. Повеќе од 600 илјади луѓе ширум светот работат за компании под чадорот на групацијата Шварц. Корпорацијата растеше првенствено благодарение на синџирите Лидл и Кауфланд, но со оглед на тоа дека во групацијата претпочитаат сè да прават интерно, таа се шири во сите правци – од производство на храна, управување со отпад, рециклирање до најновата гранка, дигитализација. Минатата година групацијата генерираше нешто помалку од 185 милијарди евра приходи – повеќе од САП, Мерцедес и Бајер. Единствената германска компанија што оствари поголем приход во Германија во 2025 година беше производителот на автомобили Фолксваген. Групацијата Шварц одамна е позната по тоа што е затворена, а особено малку се зборува за нејзиниот основач, Дитер Шварц. До ден-денес, речиси и да нема фотографии од него. Наводно, тој може слободно да се движи во Хајлброн без да биде препознаен.
DW




