Веста за усвоената Стратегијата за визи која ќе ги опфати возачите на камиони различно дочекана меѓу транспортерите од Балканот – македонските ги запреа блокадите, додека српските и црногорските остануваат на граничните премини. Домашните комапнии допрва ќе ги утврдуваат последиците од блокадите.
Одлуката на Европската комисија за донесувањето нова Стратегија за визи која ќе ги опфати и професионалните возачи ги прекина блокадите на транспортните компании од десетте гранични премини во Северна Македонија, иако засега тоа е се уште во форма на документ, а не конкретно решение кое би започнало со примена.
Како европската стратегија ќе профункционира во пракса допрва ќе се разговара и преговара на министерско ниво во Брисел, каде на заеднички состанок со министрите од Западен Балкан следната недела ќе треба да се прецизираат конкретните решенија.
„Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени, ве информираме дека протестот организиран од „Макам транс“ на граничните премини ќе биде прекинат“, соопшти асоцијацијата на транспортни фирми.
По веста од Брисел, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопштија дека министерот Тимчо Муцунски телефонски разговарал со еврокомесарката за проширување Марта Кос, во кој „размениле мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение со кои се соочуваат професионалните превозници“.
Сепак, одлуката на Европската комисија не е дочекана на ист начин во Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина – земји во кои од понеделникот започнаа блокадите кон Шенген зоната.
За разлика од Северна Македонија и Црна Гора, каде транспортерите ги повлекоа камионите од премините за товарен сообраќај, блокадите продолжуваат во Босна и Херцеговина и Србија.
slobodnaevropa.mk




