Политичките партии и натаму не можат да постигнат согласност за новиот Изборен законик, а најголемите разлики остануваат околу начинот на гласање на дијаспората. Претседателот на Собранието Африм Гаши ја поддржа можноста за електронско гласање, доколку се обезбедат сигурна идентификација на гласачите и тајност на гласањето. Во меѓувреме, СДСМ предупредува на можни злоупотреби, додека ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата за блокирање на реформите поврзани со Изборниот законик.
Гаши: Потребни се гаранции за тајност и безбедност
Претседателот на Собранието Африм Гаши ги повика координаторите на пратеничките групи да ги надминат различните ставови и да постигнат компромис за Изборниот законик.
На брифинг со новинарите, Гаши истакна дека електронското гласање било дел и од програмата на неговата политичка партија Алтернатива. „Јас сум за електронско гласање. Сметам дека и кај нас треба да се овозможи таков начин на гласање, но не знам кога би се реализирало тоа. Тоа е мое лично мислење“, рече Гаши.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој нагласи дека ваквиот модел би придонел за поголема еднаквост на граѓаните при гласањето. „Во неколку земји таа практика е функционална и има позитивни примери. Ако веќе плаќаме сметки преку банка, вршиме трансакции и сѐ е електронско, тогаш треба да размислуваме и за оваа можност. Разговарав со повеќе ИТ-експерти дали може да се обезбедат и приватност и безбедност на гласањето, но за тоа е потребна политичка волја“, изјави Гаши.
Тој додаде дека целта е да се обезбеди Изборен законик што ќе им овозможи на граѓаните слободно да гласаат и нивната волја демократски да се изрази преку изборите.
DW




