Пет планинари од Босна и Херцеговина загинаа на планината Елбрус

Петмина државјани на Босна и Херцеговина загинаа синоќа на планината Елбрус во Русија, јавува Радио Сараево.

Од седумте планинари кои тргнаа во експедиција кон највисокиот врв во Европа, двајца успеаја да се спасат.

Сите настрадани биле членови на Планинарското друштво „Ведро“ од Зеница, пренесува N1 Сараево.

„Илјадници километри зад нас, еден врв пред нас и само еден сон. Чекор по чекор, сè до покривот на Европа“, напишаа планинарите покрај заедничка фотографија неколку дена пред трагедијата.

Седумчлената група започна со искачувањето вчера. Иако временските услови првично беа поволни, ситуацијата набрзо се промени. Ветарот достигна брзина од 45 километри на час, а до утрото се засили на околу 70 километри на час, што дополнително го отежна престојот на планината, јавува Радио Сараево.

Еден од преживеаните успеа да се симне од планината и да повика помош, додека другиот беше пронајден од спасувачите. Двајцата беа пренесени во болница, каде што им беше укажана лекарска помош.

Истражниот комитет на Руската Федерација за Кабардино-Балкарија претходно соопшти детали за почетокот на трагедијата и потврди дека е покрената истрага, објави N1 Сараево.

Според соопштението на службата за односи со јавноста, група од седум алпинисти започнала со искачување на Елбрус на 25 јули. Еден од членовите успеал да се симне од планината и пријавил дека на двајца алпинисти им се слошило на надморска височина од 5.100 метри.

 

 

 

primorski.me