„Србија е општество разорено од национализам“, вели за ДВ белградскиот теолог и историчар Вукашин Миличевиќ. Тој е еден од многуте интелектуалци во Србија кои ги поддржуваат студентските протести.
Стотици илјади луѓе повеќе од десет месеци излегуваат на улиците во речиси сите градови во Србија и бараат нови избори и сузбивање на широко распространетата корупција. Повод за протестите бешеуривањето на настрешница на штотуку реновираната железничка станица во Нови Сад, во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Многу луѓе во Србија ги обвинуваат претставниците на власта дека се одговорни за несреќата. Според достапните информации, една од причините за трагедијата е „фушерај“ за време на градежните работи.
Режимот на претседателот Александар Вучиќ досега ги нема изведено одговорните пред независен суд поради што многу граѓани се лути. Демонстрациите кои ги предводат студентите и нивните професори на универзитетите, сѐ повеќе се шират. Тие сега бараат нови избори. Во моментов е неизвесно дали политички режимот ќе ги преживее протестите.
Пантелиќ: „Заштита на интересите на корумпираната елита“
Секој што јавно ги поддржува студентите, како Вукашин Миличевиќ, мора да смета на репресија. Посебно во неговиот случај е што раководството на моќната Српска православна црква (СПЦ) покрена постапка против него, со што Црквата станува соучесник на авторитарниот српски владетел.
Кога станува збор за потиснување на слободната мисла, патријархот Порфириј и претседателот Вучиќ честопати дејствуваат координирано. Тоа е нешто што Миличевиќ веќе долго време го критикува. „Нема никаква врска со грижата за јавниот интерес, туку само со заштитата на интересите на корумпираната елита што практично ја киднапира цела Србија“, вели тој за ДВ. Патријархот и некои владици блиски до него, како што е Иринеј Буловиќ од Нови Сад, се дел од таа елита.
Вукашин Миличевиќ, ракоположен свештеник и татко на четири деца, и претходно беше присутен во јавноста, на пример кога во Србија пред неколку години се прошири коронавирусот. Во тоа време го критикуваше она што го сметаше за неодговорно однесување на црковното раководство за време на богослужбите. Неколку епископи, вклучувајќи го и тогашниот патријарх Иринеј, како и бројни свештеници и верници, починаа како последица на инфицирањето со вирусот SARS-CoV-2.
Критиката од Миличевиќ на сметка на црковното раководство имаше последици. Па така, веќе не му е дозволено да служи литургија, а во моментов е изведен пред т.н. „црковен суд“. Станува збор за црковно тело кое решава спорови во рамки на верската заедница, а членови се епископи и свештеници. Со него претседава епископот одговорен за Белград – патријархот Порфириј. Доколку Миличевиќ биде прогласен за „виновен“, во најлош случај се соочува со исклучување од црквата – што е најтешка казна за верник христијанин.
DW




