Земјоделското земјиште зафаќа околу половина од вкупната површина на земјата, а со тоа сушата претставува сериозен ризик со директни последици врз производството на храна, приходите на земјоделците и руралната економија. Во услови на намалени врнежи, повисоки температури и подолги сушни периоди, потребата од поефикасно користење на водата и поотпорни производни практики станува сè поизразен. Ова се укажувањата на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) по повод Светскиот ден за борба против сушата.
Од ГИЗ ја истакнуваат важноста од решенија што се веќе тестирани и можат да им помогнат на земјоделците подобро да се приспособат кон климатските последици. Ова е една од приоритетните области што ги поддржува германската Влада.
Сушата и климатските ризици се зголемуваат
Климатските проекции за земјата се дека во сценарио со високи емисии, до крајот на векот температурата може да се зголеми за пет Целзиусови степени, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 годишно.
Проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) посочува дека климатските промени сè поизразено влијаат врз земјоделското производство.
„Ако погледнеме наназад низ годините, просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. За континенталните овошни видови повисоките температури имаат негативно влијание. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тие создаваат сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување“, вели тој.
Некогаш сливата во Малешевијата можела да се одгледува и без наводнување, а јаболкото во одредени услови со минимално наводнување. Но, денес веќе не може да се препорача ниту еден овошен вид да се одгледува интензивно без услови за наводнување.
Земјоделството се соочува со појава на ниски температури во доцните пролетни месеци (април–мај), недостиг на вода, честа појава на град, суви и жешки лета и намалена релативна влажност на воздух. Сето тоа создава притисок и ја зголемува потребата од решенија за адаптација кон овие промени.
Структурни предизвици во земјоделството
Проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа од Институтот за агроекономика при ФЗНХ укажува на значењето на земјоделството за економијата, но и на предизвиците што произлегуваат од структурата на секторот.
„Кај нас, земјоделството е еден од најважните сектори во економијата. Тоа учествува со околу една десетина во бруто-домашниот производ и има приближно ист удел во вработеноста. Во последните години се забележува намалување на неговиот удел, додека самиот сектор вредносно постепено расте. Потенцијалот за земјоделско производство е голем, но предизвиците се значајни. Структурата на земјоделството сè уште се состои од голем број многу мали фарми. Деведесет и пет проценти од фармите имаат помалку од пет хектари земјоделско земјиште, а просечната фарма е 1,8 хектари“, појаснува проф. д-р Мартиновска Стојческа.
ГИЗ тестира решенија на терен
Со германска поддршка, ГИЗ во партнерство со Факултет за земјоделски науки и храна-Скопје, во Долно Лисиче отвори демонстрациско поле на кое се тестираат различни пристапи за приспособување кон климатските промени. Се испитуваат подлоги, растојанија на садење и режими на наводнување со цел да се утврдат најсоодветни решенија во услови на суша и високи температури.
„Земјоделското производство е фабрика на отворено. Одредени култури можат да се одгледуваат во контролирани услови, но овоштарството подразбира големи површини што не можат да се заштитат. Затоа, решенијата мора да се тестираат директно на нива“, појаснува проф. д-р Арсов.
Проектот има за цел научните сознанија да ги претвори во практични препораки за земјоделците, за поефикасно користење на водата, намалување на загубите и подобра отпорност на климатските ризици.
Македонско-германската соработка трае повеќе од три децении и денес е фокусирана на адаптацијата кон климатските промени.
Центарот за климатски промени предупредува на последици
И Центарот за климатски промени оценува дека Македонија се соочува со зголемен ризик од суша и дека се потребни поголеми инвестиции за адаптација.
„Овие промени директно влијаат врз водните ресурси, земјоделството и стабилноста на локалните заедници, при што последиците сè почесто се одразуваат преку економски загуби и зголемена социјална ранливост“, велат од Центарот за климатски промени.
Анализите покажуваат дека повеќе региони, вклучително Скопскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот, се особено ранливи на суша. Според Центарот, сушата останува еден од најсериозните климатски ризици и бара координиран, долгорочен пристап, зајакнување на институциите и инвестирање во одржливи решенија.
DW




