ЕУ: нови права за авиопатниците

Пратениците во Европскиот парламент и земјите членки на Европската унија постигнаа договор за нови правила за заштита на правата на авиопатниците. Со нив на семејствата ќе им се овозможи бесплатно резервирање соседни седишта на летови, а од авиокомпаниите ќе се бара поголема транспарентност во прикажувањето на цените на билетите.

Договорот го потпишаа претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола и министерот за транспорт на Кипар Алексис Вафеадес, кој ги претставува земјите членки на ЕУ, на церемонија во Стразбур. Договорот сè уште бара формално одобрување од земјите членки и Европскиот парламент, иако тоа се смета за формалност.

Транспарентни цени и права при резервација
Според новите правила, при онлајн пребарување на авионски билети по правило ќе се прикажуваат цени кои вклучуваат едно парче рачен багаж. На тој начин на потрошувачите ќе им се олесни споредбата на цените меѓу различни превозници. Сепак, авиокомпаниите ќе останат слободни да нудат поевтини билети кои бараат дополнително плаќање доколку патниците сакаат да носат багаж во кабината – модел што веќе го применуваат дел од нискобуџетните превозници.

Новите правила, исто така, гарантираат дека малолетните деца ќе можат бесплатно да резервираат седишта до своите родители. Патниците кои се пријавиле на лет по дигитален пат ќе имаат право на бесплатна печатена бординг карта.

„Оваа модернизирана рамка ќе донесе сигурност, правичност и посилна заштита за милиони европски воздушни патници. Договорот претставува балансирано решение за авиокомпаниите и помага да се зачува поврзаноста, која е клучна за внатрешниот пазар на ЕУ и нејзините граѓани”, изјави Вафеадес.

Надоместоци за доцнење – праговите остануваат непроменети
За време на последните преговори, земјите членки се откажаа од плановите за зголемување на прагот за исплата на надомест за доцнење на летовите. Тоа значи дека патниците и натаму ќе имаат право на надомест доколку нивниот лет пристигне со доцнење од најмалку три часа, под услов доцнењето да е одговорност на авиокомпанијата.

Висината на надоместокот останува непроменета: 250 евра за летови до 1.500 километри, 400 евра за летови до 3.500 километри и 600 евра за подолги релации.

Новите правила ќе се применуваат на летови во рамките на ЕУ, на летови кон ЕУ управувани од европски авиокомпании, како и на сите летови кои поаѓаат од територијата на Унијата.

 

 

DW