Рекордни инвестиции се влеваат во здравството

Во здравството ништо нема да биде „како досега”. Запоставувањето на здравствена инфраструктура во изминатите години и неинвестирањето во неа, го остави ресорот со објекти, опрема и кадровски капацитети далеку под стандардот што го очекуваат граѓаните.

Владата ја менува таквата состојба. Над 200 милиони евра ќе бидат инвестирани во довршување на штипската клиничка болница, за изградба на тамошниот Медицински факултет и за студентски дом со 200 легла, за изградба на болница во Кичево и за реконструкција на клиничката болница во Тетово.

Министерот за здравство, Азир Алиу, најави над 70 милиони евра инвестиција во кампусот на болницата во Тетово – за изградба на два нови објекта и за реновирање на три од постојните. Заради точна проценка во што треба да се насочи инвестицијата, министерот Алиу заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, се сретнаа со вработени, експерти и администрацијата на болницата за да слушнат кои се потребите од функционална и од инфраструктурна гледна точка.

„Сега имаме работна група која ќе ги мапира сите објекти што треба да се реновираат и сите потреби за создавање на нова инфраструктура и нови објекти. По оваа анализа и буџетирањето, за два до три месеци ќе започне и работата во Тетово“, најави вчера министерот за здравство.

На првиот чекор кон модернизација на тетовскиот здравствен комплекс, Касами вети дека и Општината Тетово ќе обезбеди поддршка за реализација на големиот проект.

Мапирање и планирање
Тетово не е единствената општина каде се врши своевиден скрининг на состојбите. Моментално се прави мапирање и проценка на целата здравствена инфраструктура во државата и се бара од сите директори да достават опис на состојбите и на потребите и од аспект на кадровски капацитети, опрема и технологии.

„Работиме да се постигнат стандардите во инфраструктурата на здравствените установи, за да бидат компатибилни со европските стандарди. Состојбата на терен покажува дека има недостиг од медицинска опрема, слаба инфраструктура и персонал. Тоа е последица на лошата политика која се водела во овој ресор“, оценува министерот за здравство.

Според Алиу, во овој ресор уште поважно е предвременото планирање.

„Здравството е таков систем кој мора да предвидува, а не само да креира политики. Предвидувањата треба да бидат на рок од над десет години. Неопходни се и навремени планирања на кадарот, со оглед дека за обука лекар супспецијалист потребни се минимум 15 години“, посочува тој.

Но има и голема потреба од медицински персонал. Во тетовската болница решенија за трајни вработувања на персоналот што веќе работи во болницата, ќе има по локалните избори. Веќе се спроведени тестирања на пријавените кандидати на конкурсот за 155 работни места. Но, анализите покажале дека има потреба од над 300 вработени.

„Ние ќе отвориме и друга постапка се со цел да може да се намали тој гап меѓу потребите и услугите што ги нуди болницата“, најави Алиу.

 

 

 

 

DW