Најавите за можни реформи на пензискиот систем, вклучително ипромени во вториот пензиски столб и зголемување на старосната граница за пензионирање, отворија широка јавна дебата. Експертите порачуваат дека реформите на пензискиот систем се неопходни, но не смеат да се носат без темелни анализи и долгорочни пресметки.
Додека државниот врв отвора дебата за иднината на вториот пензиски столб и можни промени на старосната граница за пензионирање, економистите Благица Петрески и Бранимир Јовановиќ сметаат дека решенијата мора да се темелат на факти, демографски проекции и проценка на ефектите врз идните генерации. Според нив, потребен е пакет реформи што ќе ја подобри одржливоста на системот, без да се наруши довербата на осигурениците и без краткорочно решавање на буџетските проблеми на сметка на идните пензионери.
Владата засега не открива какви конкретни мерки ќе бидат предложени, но најавува дека конечните одлуки ќе зависат од повеќе анализи што ги подготвуваат домашни експерти, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Благица Петрески: Без темелни анализи нема успешни реформи
Благица Петрески, извршна директорка и главен економист во „Фајнанс Тинк“, смета дека пред каква било реформа мора да претходи темелна и сеопфатна анализа на целиот систем.
„Дека реформа е неопходна, за тоа нема дилема. Но, кое е оптималното решение не може да се утврди без проценка што ги согледува сите димензии на системот истовремено. Одржливоста на пензискиот систем е прашање што се мери во децении, не во буџетски циклуси, и токму затоа резултатите од сериозна анализа треба да претходат на секоја одлука, а не обратно“, вели Петрески за ДВ.
Според неа, најголем предизвик остануваат демографските промени. Индексот на стареење ја надминал границата од 100 уште во 2021 година, што значи дека во државата има повеќе стари лица отколку деца. Дополнително, односот меѓу осигурениците и пензионерите е намален на околу 1,61 во 2024 година, ниво што економистите го сметаат за предупредувачко.
Петрески нагласува дека работоспособното население во следните децении дополнително ќе се намалува, па затоа одложувањето на реформите би ја намалило можноста за постепени и социјално прифатливи решенија.
DW




