САД замрзнаа речиси 2,3 милијарди долари финансирање за Универзитетот Харвард

Американското Министерство за образование објави дека замрзнало речиси 2,3 милијарди долари финансирање за Универзитетот Харвард откако оваа престижна образовна институција одлучи да се спротивстави на барањата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.

„Заедничката работна група за борба против антисемитизмот објави дека замрзнала 2,2 милијарди долари од повеќегодишни грантови и 60 милиони долари од повеќегодишни договори наменети за Универзитетот Харвард“, се наведува во соопштението.

Одлуката е донесена откако универзитетот најави дека ќе се бори против реформите што ги бара администрацијата, која се закани дека ќе го укине финансирањето за да изврши притисок врз еден од најбогатите универзитети во земјата да ги ограничи студентските протести и да ги укине програмите за различност.

Претседателот на Харвард, Алан Гарбер, во писмо до академската заедница истакна дека иако дел од барањата на администрацијата се насочени кон борба против антисемитизмот, поголем дел од нив претставуваат директна владина регулација на „интелектуалните услови“ на универзитетот.

Меѓу нив се барања за „ревизија“ на ставовите на студентите, професорите и вработените, како и „намалување на моќта“ на одредени лица поради нивните идеолошки убедувања.

Гарбер рече дека универзитетот преку своите адвокати ја информирал администрацијата дека нема да го прифати понудениот договор и дека „нема да преговара за својата независност и уставни права“.

Од Заедничката работна група реагираа дека изјавата на Харвард е доказ за „загрижувачкиот менталитет на привилегираност“ што, според нив, е присутен на елитните универзитети во земјата.

„Вознемирувањето на еврејските студенти е неприфатливо. Време е елитните универзитети да го сфатат проблемот сериозно и да покажат вистинска посветеност кон промени, доколку сакаат да продолжат да добиваат поддршка од американските даночни обврзници“, се наведува во соопштението.

Спротивставувањето на Харвард доаѓа во период кога администрацијата на Трамп се обидува да ги принуди универзитетите да ги укинат програмите за различност и да ги ограничат студентските пропалестински протести.

 

извор: АНАДОЛИЈА