САД и Иран договорија патоказ за мировен договор

Првата рунда преговори меѓу САД и Иран заврши со првични резултати, меѓу кои формирање работни групи и воспоставување директен канал за комуникација со цел да се избегнат идни недоразбирања.

САД и Иран усогласија патоказ за постигнување мировен договор, произлегува од заедничкото соопштение на посредниците Катар и Пакистан по завршувањето на првата рунда преговори. Според најавите, следуваат дополнителни разговори на работно ниво, додека американската страна засега не даде официјален коментар.

Целта останува иста – финален договор да се постигне во рок од 60 дена. Работните групи ќе се фокусираат на клучни прашања како иранската нуклеарна програма и западните санкции. Паралелно, воспоставен е комуникациски канал меѓу завојуваните страни за да се избегнат недоразбирања и инциденти во Ормускиот Теснец.

Механизам за Либан и продолжување на разговоритеВо рамките на договорените чекори, планирано е и формирање механизам за решавање конфликти во Либан, со цел да се запре насилството во земјата. Во Либан, израелската војска и проиранската милиција Хезболах продолжуваат со вооружени судири.

Делегациите на САД и Иран во неделата ги започнаа разговорите во луксузен хотел на планината Биргеншток во швајцарските Алпи, насочени кон трајно мировно решение на вооружениот конфликт. Првата рунда заврши ноќта кон понеделник, а според посредниците, разговорите ќе продолжат во текот на целата недела.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги пофали Катар и Пакистан за посредничката улога. Тој на социјалните мрежи изјави дека се постигнати „значајни напредоци“ во разговорите.

 

 

DW